1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно воени крици во БиХ

Томас Бреј (дпа) / ЕМФ23 септември 2016

Босанските Срби во битка за надмоќ со Уставниот суд, со далекусежни последици за и онака раскараната балканска држава, анализира денеска германската агенција ДПА, додавајќи: „Врвни политичари веќе зборуваат за војна.“

https://p.dw.com/p/1K7EX
Фотографија: DW/E. Musli

Звучи безопасно, но тоа би можело да ја потресе кревката Босна и Херцеговина. Околу 1,2 милиони Срби в недела, во делот од земјата под нивно владеење, излегуваат на референдум. Гласањето е спротивно на пресудата на Уставниот суд. САД и ЕУ попусто се обидуваат да го запрат противуставното гласање, зашто тие во него гледаат проба за одржување референдум за независност, кој отсекогаш се заканувал. Поддршка, пак, доаѓа од рускиот претседател Владимир Путин.

Колку повеќе се ближи референдумот, тонот станува погруб и понервозен. Познати муслимани веќе се закануваат со војна. Соседната „република мајка“ Србија не останува должна. „Ако сакаат војна во Босна, ќе ја добијат“, го цитира на насловната страница белградски „Курир“ министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ. Со поглед на минатата војна (1992-1995), во која загинаа над 100.000 луѓе, а протерани се милиони, најголемиот белградски весник „Блиц“ излезе со наслов: „Немаме веќе деца за куршуми.“ Зошто ситуацијата е толку заплеткана и тешка?

- Уставниот суд донесе одлука дека мора да се промени националниот празник 9 јануари, кој инаку го прославуваат само босанските Срби. Зашто, на 9 јануари 1992 година е основана Република Српска, што за многумина е една од причините за војната. Денес Србите контролираат половина од земјата. Но, тука живеат и муслимани, кои во војната беа главна жртва. Тие се чувствуваат повредени од прославата на празникот, аргументира Уставниот суд, кој е всушност највисоката инстанца во државата.

- Додека ЕУ на балканската држава токму овој месец ѝ потврди дека постигнала одлични реформски резултати и направила решавачки чекор на патот кон членство во Унијата, ситуацијата во земјата сѐ повеќе излегува од контрола. Кавгата меѓу муслиманите, Србите и Хрватите во Мостар доведе до трето одложување на локалните избори, кои инаку требаше да се одржат на почетокот на октомври. Корупцијата и надмоќната политика и натаму цврсто ја држат во канџи слабата економија.

Russland Treffen Milorad Dodik und Wladimir Putin
Додик беше по поддршка во МоскваФотографија: Getty Images/AFP/Sputnik/A. Nikolsky

- Меѓународната заедница стравува дека референдумот в недела е само сигнал за старт на второ гласање со кое Србите би ѝ завртеле грб на БиХ и би ѝ се приклучиле на Србија. Длабока несигурност има и во Хрватска, која е членка на ЕУ. „Ѕвечкање со сабји: Аларм поради закана од војна“, напиша „Јутарњи лист“. „Српската армија треба да зголеми степенот на готовност“, побара српскиот претседател Томислав Николиќ како врховен командант.

- Рацете на Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко, кој дури поседува и инструменти за смена на врвни политичари, му се врзани. Русија му дава поддршка на референдумот на Србите и со тоа спречува едногласност во Советот за примена на мирот, што е предуслов за Инцко да може да преземе мерки. На три дена пред референдумот претседателот на Република Српска, Милорад Додик, демонстративно отиде во Москва, за да добие уште еднаш поддршка. Вели дека ја добил. Кремљ, пак, се огласи малку понејасно.