1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Европскиот пат на БиХ ќе го победи референдумот во РС“

Јасмина Розе/превод: Ж.А.21 септември 2016

Промоторите на ретроградни идеи ќе ја загубат битката со просперитетните европски идеи, смета Денис Звиздиќ, претседавач со Советот на министри на БиХ по прифаќањето на апликацијата за членство во ЕУ.

https://p.dw.com/p/1K5rA
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Kjer

Дојче веле: Функционерите на ЕУ по средбата во Сарево со Вас и со премиерката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, искажаа импресионираност од резултатите на БиХ. Што мислеа со импресионираноста, ако се земе во предвид дека поминаа 21 година по војната и доаѓањето на меѓународната заедница и нејзиниот Висок претставник во БиХ?

Денис Звиздиќ: Откако по повеќегодишната блокада на европскиот пат кај нас, Европа направи нов пристап кон БиХ, базиран на германско-британска иницијатива, сите нивоа на власта, а посебно Советот на министри јасно и снажно се определија за европскиот пат, а во минатиот период се реализирани некои од клучните обврски, со фокус на економската агенда. По направениот пресек на реформската агенда, констатиравме дека во период од 12 месеци е реализиран огромен број мерки, околу 45 проценти, што резултираше со пораст на сите витални економски параметри, посебно на брутодомашниот производ, извозот, намалување на увозот, намалување на надворешнотрговскиот дефицит, зголемување на нивото на приходи, раст на индустриското производство и преку 25.000 работни места. Направивме прогрес и покрај отежнатите околности и среде комплексната политичка ситуација, што ги импресионираше претставниците на Европската комисија и меѓународните финансиски институции.

ДВ: Дали овој прогрес може да го замагли најавениот референдум во Република Српска за надлежностите на државните правосудни институции и на Канцеларијата на високиот претставник?

Звиздиќ: Постојат јасни ставови на ЕУ и на нашите соседи, како и на бројни влијателни држави од Исток и од Запад во врска со референдумот. Никој не го поддржува референдумот, зашто основен постулат на почитување на владеењето на правото е почитување на одлуката на Уставниот суд. Судските одлуки мора да се спроведуваат, за нив не се расправа, зашто се бврзувачки. Значи референдумот, таков вид ретрогадна приказна, е враќање во минатото. Новите проекти на хомогенизација и мобилизација на гласачкото тело поради партикуларни политички интереси или поединечни интереси, нема да го замаглат европскиот пат. Во БиХ ќе победи европскиот пат.

Bosnien und Herzegowina Denis Zvizdic
Денис Звиздиќ, претседавач со Советот на министри на БиХФотографија: DW/Z. Ljubas

ДВ: Германските медиуми пишуваат за нова криза во БиХ предизвикана од референдумот. Може ли на неа да се гледа само во контекст на изборната кампања или таа, со оглед на најавата за одржување референдум без оглед на предупредувањето на Високиот претставник и најавата Додик да го посети Путин, би можела да има подалекусежни последици и да го загрози патот на БиХ кон ЕУ?

Звиздиќ: Сите ние во БиХ сме определни за зачувување на мирот и стабилноста, како предуслови и за европски и за економски развој на БиХ и за просперитетна иднина на сите граѓани. Секако, постојат категории кои се светиња за секој човек, а тоа е државната и слободата на секој граѓанин. Повторувам, европскиот пат и позитивните тенденции ќе го победат референдумот. Тој е проблематичен, со оглед што од стартната позиција на некој вид предизборен џокер, се претвори во идеја која треба да претставува лакмус за некои други референдуми, кои би нанеле значителна штета врз суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, но целосно е јасно дека тоа нема да се случи. Тоа нема да го дозволат патриотските сили во самата БиХ, а ниту меѓународната заедница, присутна во БиХ. На сите во регионот и Европа им е потребен мир на Балкан и сите активно ќе работат на зачувување на мирот и стабилноста, а промоторите на ретроградни идеи ќе ја загубат битката со просперитетните европски идеи за квалитетна економска иднина. Притоа, најдобар инструмент за разговори и дефинирање најмал заеднички именител е дијалогот. БиХ треба да ја искористи шансата што наши први соседи се членка на ЕУ, а другиот е на пат кон ЕУ, за развивање добрососедска соработка и трајно отстранување на било какви авантуристички и сеператистички идеи и тенденции во БиХ и регионот.

ДВ: Може ли да дојде до решение со претседателот на РС, Милорад Додик?

Звиздиќ: Тоа е многу тешко прашање. Во овој момент, во овој вид подигнати тензии веројатно и било каков обид би бил контрапродуктивен. Но, мислам дека по 2. октомври тензиите значително ќе опаднат и ќе дојде вистинско време низ дијалог да се направат следните позитивни исчекори.