1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа која не го радува Брисел

Барбара Везел/ Превод:СН3 ноември 2015

Коалициска влада во Анкара повеќе ќе ѝ се допаднеше на ЕУ. Сега, меѓутоа Унијата мора да игра според свирката на Ердоган, ако сака негова помош во бегалската криза. Непријатна ситуација, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1Gyi6
Фотографија: picture-alliance/dpa/Landov

Посакуваме стабилна влада во Анкара, така гласеше официјалната порака на Европската унија пред изборите во Турција во неделата. Меѓутоа повеќето во Брисел не сметаа дека од тоа ќе произлезе убедлива победа на стариот и нов претседател Реџеп Таип Ердоган. Дали демоскопите повторно беа тотално во грешка? Или на изборите сепак не се постапуваше со законски средства? Како новораспламтената војна против Курдите, неразјаснетите бомбашки напади, притисоците врз опозицијата и затворањето на критички настроените медиуми да не се доволни, за да се разбуди сомнеж во демократскиот квалитет на овие избори.

На ЕУ и е потребен „Султанат од Босфорот“

Историска иронија е дека ЕУ долги години го запоставуваше соочувањето со „Султанот од Босфорот“. Со него не мораше да има расправија, зашто пристапните преговори на Турција ионака беа замрзнати. И така на прагот на ЕУ се разви еден се поавтократски владетел , кој не беше вистински согледан од ЕУ , зашто во Унијата имено имаше поважни теми. Сега, меѓутоа Европејците се во тешка состојба, и Ердоган им е повеќе потребен ним, отколку тие нему. Без него не може да има решение во бегалската криза, која се заканува да ја расцепи Унијата. Турскиот претседател меѓутоа повеќе дури и не чувствува никаков политички притисок. Неговата моќ е осигурана и внатрешно-политички двата милиони Сиријци во Турција за него не се тема. Очигледно неговите сонародници гледаат на нив со најголема опуштеност.

Значи Ердоган е во комотна ситуација, така што тој може политичката цена дури и за најмали отстапки да ја зголемува колку што му се сака. Сега ќе следува долга фаза на пазарска дипломатија, велат инсајдерите во Брисел.. И многумина веруваат дека турскиот претседател притоа е во голема предност. Според примерот на Ангела Меркел , европските лидери ќе одат на аџилак кај Ердоган и ќе мора пред него да ја наведнат главата. Колку непријатна помисла! ЕУ сега е зависна од милоста на Ердоган, анализираше еден искусен европарламентарец. Тоа за жал е вистина и турскиот претседател ќе си го изживува тоа.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Колку далеку оди реал-политиката?

Со оглед на сето тоа, прашањето за Европејците повеќе не е дали си ги распродаваат своите основни вредности, за да осигураат соработка со Турција, туку само уште колку далеку ќе одат притоа. Ако источноевропските држави поседуваат и најмал надворешно-политички разум, мора да препознаат дека интерен компромис во ЕУ би бил подобар, отколку неговата судбина во толкава мерка да стане зависна од автократот во Анкара.

Но со оглед дека разумност нема да паѓа од небо, претстојат жилави и непријатни преговори. Европејците притоа постојано ќе мора да се прашуваат себеси, колку сѐ уште воопшто им значат нивните демократски вредности. Тоа е распродажба на рати: тие веќе во случајот со малиот диктатор од Унгарија пропуштија шанса навремено да удрат со тупаница на маса. Сега наспроти Ердоган, кој е на добар пат да стане голем диктатор на Турција, тие имаат малку аргументи и повеќе немаат средства за политички протисок за да се заложат за демократија.

Преговирте ќе бидат непријатни

Претстојните преговори за тоа дали и за која цена турскиот претседател ќе ги запира бегалците да го продолжат патувањето и да игра чувар на границата за ЕУ, ќе бидат непријатни. Единствениот адут во рацете на Европејците притоа е желбата на Турција за либерилизација на визниот режим, која за Ердоган би била важна во економска смисла. Во секој случај само уште преку економската соработка може да се најде пат за од него да се издејствуваат отстапки во бегалската криза.

Линијата која Европејците во претстојниот пазарлак, меѓутоа не би смееле да ја преминат, е односот кон Курдите. Доколку Ердоган не попушти во односот кон нив, ЕУ мора да повлече црвена линија и да ја решава бегалската криза без него. Во Европа во моментов се потврдува старата кинеска клетва, која вели дека е тешко некому кој живее во интересни времиња.