Кој омраза сее, омраза ќе жнее
2 ноември 2015Веднаш по пребројувањето на гласовите во Истанбул можеше да се види кој е проблемот во политичката култура на Турција. Симпатизерите на АКП се возеа со автомобили околу седиштето на опозиционерската телевизија, вееја знамиња и вревеа триумфирачки. Го блокираа сообраќајот и во своето воодушевување возеа многу блиску до рабовите на тротоарите така што можеше да се случи да ги згазат и минувачите кои стоеа и набљудуваа. Во нивните очи тоа изгледа вака: тие слават победа но и не ги штедат губитниците. Бидејќи, во еден момент почнаа да извикуваат постојано повторувајќи: „Курвини синови, одете си од земјата!“. А малку фалеше и да навлезат во зградата на телевизијата.
Тоа беше срамно, а за жал не е единствен таков случај кој се случи во минатата ноќ. Одделни симпатизери на АКП во сето тоа видоа победа над непријателот. Она што овие луѓе никогаш нема да го разберат е тоа дека победникот на изборите во една плуралистичка демократија, во плуралистичко општество, никогаш не смее на таков начин, полно со непочитување кон губитникот да ја слави својата победа, или пак губитникот да мора да стравува за својот живот.
Поделба на турското општество
Но, вистина е оти вакви тенденции во Турција имало и порано, пред Ердоган и неговата АКП. Истотака е вистина дека одделни опозициски партии, некои повеќе некои помалку, имаат наклоност кон силни лидери и поларизирање на мислењата. Но, сепак Ердоган и неговата АКП ваквиот систем го доведоа до совршенство. Тие на тој начин до тој степен ја зголемија поделбата во општеството што омразата на една политичка опција кон другата ве остава едноставно во шок.
Граѓаните на Турција, која е инаку многу срдечна кон гостите, би требало да кажат: дали Вам ви е воопшто јасно како се однесувате едни кон други? А во оваа смешна игра „ние против вас“ се отиде толку далеку што за време на минутата молчење за жртвите од терористичкиот напад во Анкара се слушаа свирежи на стадионот. Свирежи против убиените сограѓани! И колкава би можела да биде омразата посеана одозгора за една девојка на Твитер јавно да се жали за тагувањето поради смртта на бегалско бебе со зборовите: „Па тоа е само курдско бебе!“
Надеж лежи во моќниот збор
Но, токму во тоа турско почитување на авторитетот лежи зрак надеж, бидејќи во една земја во која еден патријархален моќен збор може да натера толку многу луѓе на омраза, истиот таков збор може да ги натера и на консензус. И сега останува по овие избори да се надеваме, и покрај сета трагика, дека претседателот Ердогам, политичкиот лидер на земјата, од сигурната позиција на претседател на државата ќе донесе мир и конечно ќе престане со политичките делби на земјата. А тоа би требало да значи да се престане со себичноста и многу позасилено да се тргне во дијалог со политичките противници- сето за доброто на земјата. Зашто едно нешто мора да им биде јасно и на политичките пиромани во Турција: кој омраза сее, некогаш омраза и ќе жнее.