Папата во Турција: Питом гостин
29 ноември 2014Првиот ден од посетата на Франциско на Турција помина апсолутно без проблеми и сосема според протоколот. По положувањето венец во мавзолејот на Ататурк, папата посети уште една впечатлива градба - Франциско беше прв странски гостин во новата палата на претседателот Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
Турскиот претседател по кусиот личен разговор го истакна особеното значење на својот гостин: „Посетата на папата на Турција во исламскиот свет ќе остави важни впечатоци и траги и се надевам ќе придонесе за уривање на предрасудите на Западот кон исламот.“
Папата Франциско на тоа се наврати нешто подоцна и опомена дека се потребни исти права и обврски за припадниците на различните религии. Тоа е предуслов за уривање на предрасудите насекаде во светот, рече тој. „Религиозната слобода и слободата на мислење кои се ефективно гарантирани за сите, поттикнуваат пријателство и се силен знак на мирот“, нагласи Франциско.
Критика? Не за Ердоган
Ердоган и папата зборуваа еден по друг, но нивните говори се надополнуваа перфектно. Турскиот претседател не виде во обраќањето на Франциско призвук на критика. Напротив, тој оцени: „Турција во изминатите години направи многу за правата на малцинствата. Направени се историски реформи. За негување на култура на заедништво и соживот, задолжително треба да се земат предвид искуствата и советите на Турција“, рече Ердоган.
Ако се прашаат христијаните во Турција, има онакви кои чувствуваат подобрување на својата ситуација во мандатот на владата на АКП. Повторно се отвораат цркви, а некогаш конфисцирани недвижности повторно му се враќаат на христијанскто малцинство. Сепак, може да се слушне и ставот дека има уште многу да се направи.
Се‘ на се‘, турскиот претседател може да биде задоволен, зашто папата Франциско беше претежно питом. Тој ја пофали Турција повеќепати за приемот на околу 1,5 милиони бегалци и ја истакна особената позиција на Турција во регионот: „Вашите одлуки имаат особена тежина и можат да бидат поттик за културни среќавања и важен помошник за мир“, нагласи Франциско. Во насока на сите верски лидери тој подоцна додаде: сите верници мора да се борат против фанатизмот и фундаментализмот.
Средба со верските лидери
По политичките разговори во Анкара, папата денеска (29.11) ја става, така да се каже, својата втора капа - онаа на поглавар на Римокатоличката црква. Претпладнево во Истанбул тој со муфтијата ќе ги посети Света Софија и Сината џамија, а потоа има средба со полаварот на православните христијани, Вселенскиот патријарх Вартоломеј.