1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата и Вселенскиот патријарх - разделени браќа во пријателство

Кристоф Штрак / Елизабета М. Фиданоска28 ноември 2014

Екумената е возбудлива. Никогаш претходно во разделбата која трае речиси илјада години папата и вселенскиот патријарх не се среќавале почесто отколку во оваа 2014-та. Франциско од денеска е во посета на Вартоломеј.

https://p.dw.com/p/1DvUP
Фотографија: AP Photo/Osservatore Romano

По години стагнација, дијалогот на западните и источните христијани повторно се придвижува. Уште една средба годинава меѓу папата Франциско и екуменскиот патријарх Вартоломеј, врвните луѓе од Рим и Константинопол. Двете цркви се разделија во кавга во 1054 година. Оттогаш немало цела низа заеднички средби, како сега.

Повторната средба на двајцата поглавари во Истанбул е фактичкиот црковен повод за патувањето на папата во Турција. Сигурно, разговорите во Анкара имаат и политичко значење со оглед на насилството и теророт во Сирија и Ирак. Во Истанбул многумина набљудувачи ќе внимаваат на она што ќе го каже папата на адреса на муслиманите при неговата посета на Света Софија. Но, повторното приближување на источните и западните христијани се е вистински проект на векот кој почна пред речиси 50 години. Нема дилема, ќе биде потребно уште време и тешко дека ќе дојде до конкретен договор за време на понтификат на Франциско.

Papst Franziskus
Папата Франциско се залага за дијалог со православиетоФотографија: Getty Images/AFP

Латинците и православците се формално разделени од 1054 година. Тогаш, со „големата шизма“, е ставен крај на повеќевековниот судир. Западните и источните христијани практикуваат различна духовност, живеат во различни култури, во различни, често спротивни политички системи. Тука се рефлектира милениумското отуѓување.

Отпори

Затоа, беше сензација кога папата Павле Шести во декември 1963 година, во времето на Вториот ватикански синод (1962-65), најави патување во Ерусалим на средба со вселенскиот патријарх на источните христијани. Првото патување во странство на некој папа во новото време целно беше насочено кон православието. Средба проследена со црквно-политичка драматика: „На двете страни имаше отпори, така што речиси до самата средба не беше сосема сигурно дали таа навистина ќе се одржи“, пишува Матијас Коп, навраќајки се на средбата во својата книга „Франциско во Светата земја“.

Papst Franziskus und Bartolomäus in Vatikan 20.03.2013
Папата Франциско и Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Ватикан (20.03.2014)Фотографија: Reuters

Посети наместо екскомуникација

Средбата на Павле Шести со Атинагора во јануари 1964 година имаше една многу конкретна последица. На крајот на 1965 година двете страни ја повлекоа меѓусебната екскомуникација на патријарсите од Константинопол и Рим. Оттогаш постои католичко-православен дијалог, кој меѓутоа во последните 20 години станува се‘ пожилав.

По изборот на Франциско, во март 2013 година, Вартоломеј како прв патријарх на Источната црква отпатува на церемонијата на устоличување на еден папа. Можеби впечаток му остави однесувањето на новиот човек во Ватикан - многу помалку под белег на гледиштето на европската догматска историја од неговите претходници - кој на првиот свој настап од ложата на базиликата Св. Петар се претстави како „римски бискуп“, а не како папа. Вартоломеј, речиси две недели потоа, кога Франциско се сретна на молитва за мир со претседателите Шимон Перес и Махмуд Абас во Ватиканските градини, беше повторно таму, но тоа веќе речиси никому не му падна в очи.

Patriarch Bartholomäus I.
Вартоломеј му е домаќин на ФранцискоФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Сега значи - Истанбул, Константинопол, градот со голема црковна историја. Вартоломеј (74) пред средбата зборува за „лично пријателство“ кое го поврзува со Франциско (77) и дека нивната повторна размена на мислења ќе има натамошно позитивно влијание врз односите на двете цркви. Поинтензивен дијалог на католиците и православните би имал значење токму за Европа. Политичките линии на конфликти на Балканот повремено се‘ уште се судири долж старите конфесионални граници. Најновото отуѓување меѓу Москва и Западна Европа и развојот во Украина потсетуваат на поранешните линии на конфликти, кои меѓу другото беа и верски засновани.

Зајакнувањето на католички обединетите цркви во различни источноевропски земји по политичкиот пресврт во Источна Европа значително го отежна стручниот разговор. Дури Бенедикт Шеснаесетти ја почувствува повреденоста на православната страна и направи напор за разбирање. Франциско се надоврзува на тоа. Пречки кои остануваат се антиекуменизмот, едно неисториско размислување кое се‘ уште се среќава на православната страна, како и национализмот. Денес е дотолку поважен дијалогот на западните и источните христијани.