Откриен уште еден осомничен шпион за Американците
9 јули 2014Вработени во германската криминалистичка служба (БКА) и на Сојузното обвинителство од изутрината прават претрес на станот и канцеларијата на обвинетиот во регионот на Берлин, се вели од безбедносни кругови. Со тоа се потврдуваат информациите објавени во „Зиддојче цајтунг“, НДР и ВДР.
Постои сомневање дека е вршена шпионажа за американска тајна служба. Осомничениот работел во воената сфера. Поради вториот случај на осомничен за шпионажа, сега истрага се води и во германското Министерство за одбрана, потврди портпарол на Министерството. Уапсени досега нема. Американскиот амбасадор во Берлин, Џон Б. Емерсон, повторно е повикан на разговор во Министерството за надворешни работи во Берлин.
Меркел потврди дека имала контакт со шефот на ЦИА
Германската канцеларка Ангела Меркел засгеа не ги коментира новите сомневања за шпионажа. Таа изјави дека за тоа соопштение треба да даде сојузниот обвинител. „Јас тоа одовде не можам да го сторам“, рече Меркел во Берлин. Владата своите информации ќе и‘ ги проследи веднаш на надлежната парламентарна комисија.
Меркел потврди дека шефот на ЦИА Џон Бренан се јавил во Владата поради шпионскиот скандал со соработникот на тајната служба БНД. На прашањето дали Бренан барал контакт со кабинетот на канцеларот, Меркел одговори: „Можам да потврдам дека за тоа се водат разговори, но за резултатите не можам да кажам ништо“. Претходно, „Шпигел онлјан“ напиша дека шефот на ЦИА водел телефонски разговор со координаторот за тајните служби Клаус-Петер Фриче за да ја намали на најниско можно ниво штетата од аферата со шпионирањето во германската тајна служба БНД во полза на Американците.
Официјална изјава на Вашингтон во врска со скандалот околу осомничениот двоен агент во БНД досега нема. Белата куќа вчера само соопшти дека се прават напори за „соодветно“ решение на проблемот со Германија. Според портпаролот на американскиот претседател Обама, Џош Ернест, за таа цел имало „некаква комуникација“ преку дипломатски канали и преку властите за кривично гонење. Повеќе Ернест не можеше да каже, но нагласи дека Вашингтон му придава големо значење и вредност на „силното партнерство“ со Германија.
Прв жалење изрази американскиот сенатор Мекејн
Републиканскиот сенатор Џон Мекејн е првиот висок по ранг член на Конгресот кој се јави за збор во врска со аферата. Тој изрази „големо жалење“ поради скандалот и оцени дека тоа „ќе им наштети на односите“ со Германија.
Со оглед на колебливото однесување на САД, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер врши притисок за брзо расчистување на случајот. „Би било исклучително вознемирувачки ако се продолжи со прислушување, кога сме токму среде обработување на активностите на НСА за прислушување и за тоа формиравме истражна комисија во Бундестагот“, рече тој за „Сарбрикер цајтунг“.
Германското сојузно обвинителство минатата среда (2.07) издало налог за апсење на еден 31-годишен соработник на БНД. Според сомневањата, тој во текот на последните две години на американските разузнавачи им проследил 218 документи, а за возврат добил околу 25.000 евра. БНД тврди дека овие документи не содржеле многу важни податоци. Се верува дека уапсеното момче тоа го правело чисто од финансиски побуди.