Гаук: „Американците си поигруваат со нашето пријателство“
6 јули 2014Германскиот претседател Јоахим Гаук изрази загриженост во врска со случајот на шпионажа во германската тајна служба БНД и предупреди на опасноста од оптоварување на германско-американските односи. Доколку се покаже дека соработник на БНД навистина шпионирал за американската тајна служба НСА, тогаш „е тоа навистина поигрување со пријателството, со тесната поврзаност“, изјави Гаук во интервју за вториот канал на германската телевизија ЗДФ. „Тогаш навистина треба да се каже: ’Сега е доста’“, рече германскиот претседател.
Аферата околу американскиот шпион сепак се чини дека нема толкави размери како што првично се стравуваше. И покрај стравувањата дека можеби била шпионирана дури и парламентарната комисија за истражување на аферата околу НСА, тоа сепак најверојатно не е случај, рече претседателот на комисијата Патрик Зензбург, повикувајќи се на првичните извештаи за случајот. Освен тоа, шпионот, според тајната служба БНД, бил само помошник од понизок ранг во одделот за странство, а не агент на службата. Во кругови на БНД се вели дека „според првичните проценки не дошло до голема штета“.
Германското сојузно обвинителство уште во средата (2.07) издало налог за апсење на еден 31-годишен соработник на БНД. Според информации на агенцијата ДПА тој во текот на последните две години на американските разузнавачи им проследил 218 документи, а за возврат добил околу 25.000 евра. БНД тврди дека овие документи не содржеле многу важни податоци. Се верува дека уапсеното момче тоа го правело чисто од финансиски побуди.
Контраразузнавачката служба на Германија на овој соработник на БНД му влегла во трага кога тој во мај своите услуги им ги понуди и на руските разузнавачи. Тоа го сторил со имејл порака адресирана до рускиот конзулат во Минхен. Како доказ за својата веродостојност тој испратил и три документи на БНД кои носеле ознака „тајно“. Два проследени документи се однесувале на работата на Истражната комисија на Бундестагот задолжена за аферата НСА. Имејл пораките биле пресретнати од страна на германската тајна служба.
Германските контраразунавачи, како што пишува магазинот „Шпигел“, дури се обратиле и до колегите од САД и сакале да дознаат дали им е позната имејл адресата отворена преку Гугл од којашто е контактиран рускиот конзулат. Американската страна, според „Шпигел“, не реагирала.
Се чини дека случајот предизвикува вознемиреност и во американската влада. „Њујорк Тајмс“ цитира неименуван претставник на владата со проценката дека извештаите за двегодишна шпионска активност на соработник на БНД се закануваат да ги уништат повторни сите обиди да поправање на германско-американските односи.