Опасност од мини по поплавите во БиХ
19 септември 2014Пиротехничарот М. Г. од Витез загина на 8 август 2014 од мина која ја променила позицијата, како резултат на поплавите во мај. Еден месец подоцна кај Домаљевац загина уште еден човек, а вториот беше тешко повреден при ексползија на уред, која најверојатно била поместена во мајските поплави во БиХ. Оттогаш, само во областа на Брчко се пронајдени повеќе од 80 минско-експлозивни средства, покрај реката Сава, на подрачја каде порано ги немало.
Според расположливите податоци, поплавите кои во изминатите месеци повеќе пати ја зафатија БиХ, поместија најмалку 2.000 мини и други експлозивни уреди. Најмногу поместени минско-експлозивни уреди се пронајдени покрај реката Сава и во долните текови од нејзините притоки. Поплавите уништија и многу табли кои предупредуваа за опасност од мини и други ознаки на обележани полиња со мини. Отпадните води ги поместија и мините во областа на Босанска Крупа, Добој и Маглаја.
Предупредувања кои можат живот да спасат
По поплавите и лизгањето на земјиштето во БиХ, Центарот за отстранување на мини ги предупреди граѓаните да не преземаат ништо на своја рака за остранување на мините и другите неексплодирани уреди. Во случај на пронаоѓање на таков уред, веднаш да ги известат надлежните служби односно Цивилната заштита, полицијата или вооружените сили на БиХ.
Овие мини не претставуваат опасност само за подрачјата во БиХ, затоа и регионалните надлежни органи здружија сили со цел што подобро да се справат со оваа појава. На 15 и 16 септември во Сараево беше одржана регионална работилница по повод презентирањето на проектот „Противминско дејствување по поплавите-регионален одзив за време на криза, развојот на технологијата и градењето на капацитети“. Станува збор за одговорот на државните центри за отстранување на мини од БиХ, Хрватска и Србија на поплавите кои го зафатија целиот регион.
Регионални напори
„Најголема корист од проектите ќе имаат граѓаните на БиХ, кои беа засегнати од поплавите. Во оваа земја поплавени се 810 квадратни километри. Од нив, 83 квадратни километри се поплавени во подрачјата со мини. Тоа се отприлика 33 локации во средна и северна БиХ, од Криваја до Посавина, каде 43 квадратни километри ќе бидат предмет на овој проект“, вели помошник-директорот на Центарот за отстранување мини на БиХ, Ахдин Ораховаќ.
Загрозените локации ќе бидат прегледани и со авиони, опремени со современи дигитални камери, со кои ќе се снимаат состојбите на теренот. Добиените податоци потоа ќе бидат разгледувани во центарот за отстранување на мини. Со помош и на други методи за теренска работа ќе биде утврден систем, кој ќе може да се употребува превентивно во која било ситуација која вклучува климатски и друг вид на непогодности.
Корист за сите
„Регионалниот стручен тим, формиран по поплавите, многу брзо ги усогласи своите програмски цели и ставови. Врз основа на тоа, констатирано е дека за време на поплавите најпогодена била БиХ, па затоа таму треба да се насочи најголемиот напор“, изјави директорот на српскиот Центар за отстранување на мини, Бранислав Јовановиќ, додавајќи дека регионот ќе има корист од овој проект, со оглед на тоа што од него ќе произлезат процедури и методи кои ќе може да се користат во целиот свет.
Директорот на Хрватскиот центар за деминирање Дражен Јакопец изјави: „Ќе бидам задоволен ако овој проект успее да изроди модели, постапки и процедури кои и другите земји ќе може да ги користат“, потенцирајќи дека мините претставуваат голем проблем во безбедносна, општествена и еколошка смисла во БиХ, Хрватска и Србија.