1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омилениот Гаук заминува

Кај Александер-Шолц6 јуни 2016

Претседателот на Германија изјави дека нема да се кандидира за нов мандат- иако политичкиот естаблишмент а и многу граѓани би го сакале тоа.

https://p.dw.com/p/1J1CV
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Евро, Грција, бегалци- кризите само се менуваат. Заслугата на Јоахим Гаук е во тоа што постојано ја потсетуваше јавноста на вредностите на слободата, поимот околу кој се врти неговиот живот. Автентичноста на неговиот пристап е неспорен- бидејќи некогаш успешно делуваше како теолог и член на источногерманското граѓанско движење. Десет години беше шеф на Комисијата за документите на Штази, поранешната тајна служба на Германската Демократска Република, која им нанесе многу неправди и нему и на неговото семејство. Секогаш бил скептичен кон Партијата на демократскиот социјализам (ПДС) која ја наследи Единствената социјалистичка партија (СЕД) за подоцна да стане Левичарска партија.

Понекогаш суетен, секогаш горд

Кога во март 2012 година стапи на должност, го обиколи светот и на своето патување му даде свој специфичен акцент: во голем лак го одмина автократот Владимир Путин. Во Турција јавно ја критикуваше политиката на Реџеп Таип Ердоган, велеќи дека тој ја ограничува слободата на мислење. Во Кина пред студентите одржа „говор за слободата“.

Гаук е првиот непартиски претседател на Германија. Има 76 години и живее со жена со која не е венчан- притоа се’ уште има сопруга од која не е разведен и со која има 4 деца.

Deutschland Joachim Gauck
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Оние кои го запознале лично, виделе пред себе човек кој е понекогаш суетен, но е горд на својот животен пат- тој смета дека животот во слободна земја за него е голем подарок. Затоа секогаш се залага за патриотизам заснован на уставот. И на функција остана ведар човек- свртен кон уживање во животот и радо во дијалог со другите. Со медиумите комуницира без грч, иако бил свештеник, умее да се презентира во јавноста.

Необични изјави за претседател

И како претседател на држава, си дозволи одредени слободи, а и ги тестираше границите на својата функција. Додуша, тој е највисок претставник на Германија- но политички може да делува само посредно, држејќи говори. Според Уставот, тој е интегративна фигура и мора да делува партиски неутрално. Тој не се држеше до тоа кога политичарите од НПД поради демонстрација против еден дом за азиланти ги нарече „лудаци“. Поради тоа е тужен во Уставниот суд, но судот пресуди во полза на Гаук- соопштувајќи дека претседателот на државата има право да одлучува за тоа како ќе ја врши својата должност.

Медиумско внимание предизвика и на почетокот на 2014. година кога рече дека Германија би требало да се откаже од воено воздржување и на надворешнополитички план да настапи со повеќе самодоверба. Импулсот е прифатен и се разви дебата во која се вклучија сите членови од германската влада.

Порано предупредуваше

Кога станува збор за една друга тема, германската јавност на време не ги сваќаше сериозно неговите зборови. По посетата на бегалскиот камп на турско-сириската граница, Гаук уште во јуни 2014 година пред „официјалниот“ почеток на бегалската криза, сакаше да започне дебата на таа тема.

Тој бараше „искрена, прагматична и трезвена дебата“ за предизвиците на бегалската политика. Гаук ја опиша дилемата помеѓу заштитата од неконтролирано доселување и правата на луѓето чиј живот е загрозен. Според неговата анализа, политиката не може да се мери само според заповедите на хуманоста, туку и според она што е практично можно. Препорача среден пат помеѓу „широко отворени врати“ и барања на оние кои велат дека „границата на можното е одамна достигната“. Се залагаше и за заедничко европско решение. На тој компас му остана верен и подоцна. Има дискусии кои сега не би се воделе ако порано се обрнеше поголемо внимание на зборовите на Гаук.

Сега одлучи да не се кандидира за втор мандат- иако од сите страни му се сигнализира дека би било пожелно да остане претседател.