1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источногермански тандем на чело на државата

Бернд Греслер/ З. Јордановски3 октомври 2015

На раководните нивоа во обединета Германија доминираат луѓе од Западот. Но токму двете највисоки функции ги вршат претставници од Истокот. Понекогаш тоа се забележува - кај претседателот повеќе, кај канцеларката помалку.

https://p.dw.com/p/1GhpY
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Кон крајот на август бегалската драма се заостри, но Ангела Меркел молчеше. Дури откако порасна притисокот врз неа преку безбројните твитови и во медиумите, прозборе - јасно и гласно - во врска со инцидентите во Хајденау во покраината Саксонија, посети сместувалиште за бегалци - за првпат воопшто откако е на функцијата и малку потоа ненадејно реши Германија да ги отвори границите „за една хуманитарна акција“ (за бегалците - н.з.).

Има ситуациии во кој и ден-денес може да се помисли дека се препознава источногерманското потекло на „најмоќната жена на светот“, канцеларот Ангела Меркел. Претпазливи, недоверливи, во исчекување - такви се повеќе источните Германци, вели психоаналитичарот Ханс-Јоахим Мац од Хале. Ако е можно, да не се застане на чело, каде си повеќе на удар. Меркел не се вклопува во тој растер. Нејзиното владеење го карактеризира претпазливост, наместо смелост за промени. Меркел во функцијата е чиста спротивност на она што се очекува од машките политичари од западниот дел на земјата, нејзе и’ недостасува „нарцисоидно однесување на доминантност“, вели Мац.

Joachim Gauck im Jahr 1989
Свештеникот Јоахим Гаук во 1989 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Wittenburg

Молчење како стратегија за преживување

„Голема предност од времето на ГДР (Германската Демократска Република, некогашната Источна Германија - н.з.) е да се научиш да молчиш. Тоа беше една од стратегиите за преживување“ - така ја цитира Ангела Меркел еден од повеќето нејзини биографи. Конзервативната публицистка Гертруд Хелер предупредува дека никој не знае точно од што се раководи Ангела Меркел. Во една книга Хелер критикува дека „системот Меркел“доведе до руинирање на политичките обичаи во Германија.

Но, нели политичкиот ментор на Меркел, Хелмут Кол, го доведе до совршенство опстојувањето додека проблемите евентуално не се решат сами од себе? Тогаш барањето источногермански траги во однесувањето на Меркел е како според мотото: Може да биде, но и не мора да значи!

Еден пратеник на Левицата утврдил дека во првиот мандат на Меркел како канцелар, од нејзиниот кабинет биле нарачани околу 600 анкети. Оние кои и’ се потсмеваат велат дека резултатите од анкетите всушност биле директиви на нејзината политика. Познат е и цитатот на нејзиниот сонародник од Истокот, некогашен свештеник, потоа управник на актите на Штази (поранешната тајна служба на ГДР - н.з.) и денешен претседател на Германија Јоахим Гаук: „Ја респектирам, но не можам вистински да ја осознаам“.

Гаук е поинаков

Кај него самиот тоа е полесно. Авторитетот тој го црпи од неговата животна приказна. Татко му во 50-те години на минатиот век бил депортиран од ГДР во работен логор на Сталин во Советскиот Сојуз. Тогаш неговото семејство „раскинало“ со државата ГДР. Тој самиот прибежиште побарал во Црквата. Како свештеник од Штази бил оценет како „непоправлив антикомунист“. Отворањето на архивите на Штази по германското обединување се поврзува со неговото име. Тој самиот себе си се смета за „патувачки учител по демократија“. Кога лани во октомври политичарот на Левицата Бодо Рамело се кандидираше за покраински премиер на Тирингија, Гаук предупреди дека Левицата се’ уште не го обработила доволно своето минато (врската со ЕСП - Единствената социјалистичка партија на Германија - партијата на режимот на ГДР - н.з.). Тоа беше невообичаено мешање на сојузниот претседател во предизборната кампања, за што тој доби аплауз од конзервативците.

Меркел - шпага

Адут на Меркел е нејзината популарност кај широк круг на населението како непретенциозна, како политичарка која стои цврсто на нозе и со тоа е исклучок во однос на „оние горе“ во политиката. Политичката класа, пак, и’ забележува за отсуство на јасен профил на протестантката Меркел. Таа претходно во ГДР градеше кариера на научник, беше функционер на источногерманскиот Сојуз на младината. Потекнува од семејство на свештеник, во кое се гледала западногерманска телевизија и се се воделе критички диксусии за ЕСП. Но, како што и самата признава, и’ недостасувало смелост за да опонира.

Физичарката Меркел била избор на Кол за да се задоволи квотата на жени од Истокот во неговата прва сегерманска влада. Меркел признава и дека размислувала да стапи во СПД (Социјалдемократската партија на Германија), но се решила за ЦДУ (Христијанско-демократската унија) - откако таа победила на изборите. Тоа се совпаѓа со прекорите што и’ се упатуваат - дека ја социјалдемократизира ЦДУ со тоа што краде идеи од СПД.

Но, некогашното „девојче на Кол“ учеше од нејзиниот ментор и брзо ги научи правилата на играта на Западот. Токму жената која политичката активност ја започна во едно источногерманско граѓанско движење, во 2008. година организираше прослава на роденденот на шефот на Дојче банк - во седиштето на владата.

Angela Merkel Camping Jugendlich
Кампување во Бранденбург-младата Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa/B. Gurlt

„Во Западна Германија многумина во неа уште гледаат Источногерманка, а во Источна Германија многумина веќе ја сметаат за Западногерманка“, напиша во 2005. година Герд Ланггут, најпознат биограф на Меркел, кому самата таа му рекла дека „со срце и со разум“ припаѓа кон обединетата Германија, иако во младоста белег врз неа оставила ГДР.

Сон за Америка и за слобода

Меркел е посебно претпазлива во меѓународните односи, Во еврокризата свесно дејствуваше од сенка, во заветрина на министерот за финансии Шојбле. Посмело таа настапува во односот кон Русија. Додека Гаук колку што може избегнува средба со рускиот претседател Путин, Меркел - која добро зборува руски - го прави она што најдобро знае: преговара, посредува, одржува контакт. Како студентка талкала низ Русија, ги познава Русите подобро од другите западни лидери, ги сака културата и душата на таа земја, но не и нејзиниот претседател.

Особено голема вредност Меркел полага врз односот кон САД, земјата на нејзиниѕте младешки сништа. Таа уште во 2003. година даде поддршка на војната шрто претседателот Буш ја поведе во Ирак - како да сака да отстрани бико какво сомнение во Вашингтон во сојузничката верност, како политичарка која израснала во комунистичкиот дел на Германија. Многумина до денес се вчудовидени поради нејзините обѕири спрема Америка во аферата со прислушувањето. Идеализирањето на САД им е заедничко на Меркел и на Гаук, за обајцата - како и за многумина Источногермнци - „Америка“ е симбол за слобода и неограничени можности.

Западната „слобода“ сојузниот претседател, 75-годишниот Гаук, ја направи своја животна тема, свесен дека ни оддалеку не го споделуваат сите тоа воодушевување. Во сеќавањата тој ги опишува „погледите со сочувство“ што му ги упатувале пријателите од западниот дел по падот на Берлинскиот ѕид, оти го сметале за наивен и го гледале “како штотуку да се доселил од некоја примитивна култура“. Таа радост поради слободата, вели Гаук, може да а разбере само оној, кој копнеел по неа.