1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОБСЕ загрижено за слободата на медиумите во Македонија

5 јули 2011

ОБСЕ искажа загриженост поради состојбата во трите печатени медиуми во сопственост на „Плус продукција“, кои се соочуваат со затворање за наводно затајување данок, како и поради отпуштањата новинари во Утрински весник.

https://p.dw.com/p/11p0D
Дуња Мијатовиќ: "Затворање на критичките медиуми не води кон политичка и економска стабилизација, туку доведува до губење доверба во владата и политичарите“Фотографија: DW

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ ја повика Македонија да се придржува до владеењето на правните принципи во ракувањето со наведениот случај.

"Весниците Време, Шпиц и Коха е Ре не беа испечатени вчера. Ова е многу вознемирувачки развој, кој практично преку ноќ го елиминира плурализмот и опозиционите погледи во печатот. Покрај тоа, друг медиум, А1 телевизија, која, исто така, се соочува со даночни обврски, можеби ќе треба да престане со работа во наредните недели ", изјави Мијатовиќ.

Истакнувајќи дека медиумите треба да ги следат правилата утврдени за сите бизниси, Мијатовиќ вели дека во овој случај се чини дека медиумите се директно таргетирани од властите.

„Ја повикувам Управата за јавни приходи да покаже максимална транспарентност во пресметувањето на износот на даночниот долг за Плус продукција и да се овозможи разумен план за плаќање, кој нема да ја попречува работата на медиумите", изјави Мијатовиќ.

Mazedonien Presse TV Sender TV A1 in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Во соопштението на ОБСЕ се истакнува дека А1 телевизија и трите дневни весници се под истрага за наводно даночно затајување и перење пари од крајот на 2010 година. Нивните банкарски сметки се замрзнати од 27 јануари 2011. Властите, исто така конфискуваа неколку возила за дистрибуција на весници. Беше наредено за данок да се плати вкупно над 10 милиони евра, но беше отфрлено барањето тој износ да се плати на рати, констатира ОБСЕ.

Загриженост и за „Утрински весник“

Се искажува загриженост и поради случувањата во единствениот преостанат опозициски настроен весник „Утрински весник“, кој најави намалување на бројот на вработени, што предизвика протест. Неколку новинари кои учествуваа во штрајкот ги загубија своите работни места, стои во соопштението објавено на веб страницата на ОБСЕ.

Мијатовиќ ги потсети надлежните органи дека медиумскиот плурализам е предуслов и во борбата против корупцијата и за поттикнување на процесот на демократизација на земјата.

"Затворање на критичките медиуми не води кон политичка и економска стабилизација, туку доведува до губење доверба во владата и политичарите", рече Мијатовиќ.

Автор: БГ/макфакс

Редактор: Горан Чутаноски