1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ќе разговара со Папандреу за спорот за името

28 мај 2011

Американскиот претседател Обама го увери неговиот македонски колега Иванов дека повторно ќе се заложи за решавање на спорот за името со Грција. Во Варшава претседателите од Централна Европа се сретнаа со Обама.

https://p.dw.com/p/11Pj3
Македонскиот и американскиот претседател во ВаршаваФотографија: MIA

За време на вечерата на учесниците на 17-от состанок на претседателите од Централна Европа во Варшава македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов зборуваше за евроатланската интеграција на земјата и спорот околу името со Република Грција. Притоа Иванов истакна дека Република Македонија беше единствена земја во светот со дополнителен услов за членство во Обединетите нации, единствена земја со дополнителен услов за членство во НАТО и за интеграција во Европската унија. „Како држава направивме се’, ги исполнивме сите услови за членство во НАТО, за продолжување на интеграцијата во ЕУ. Република Македонија беше единствена земја која произлезе од поранешната држава без конфликти и војни“, нагласи македонскиот претседател. Тој додаде дека Македонија својата вековна традиција на соживот и толеранција ја унапреди со Охридскиот договор, кој е најуспешен договор во регионот. Иванов повтори дека Македонија изгради уникатен модел на интеграција без асимилација, и оти земјата е пример кој продуцира стабилност во регионот.

Neues aus Mazedonien 2011
Претседателот Ѓорге ИвановФотографија: DW

„Република Македонија сака решение. Македонија својата конструктивност ја демонстрираше непосредно пред самитот во Букурешт. Денес на премиерот Папандреу треба да му се помогне да направи конкретен исчекор“, рече Иванов.

Обама e „фрустриран“ од спорот за името

Одговарајќи му на својот македонски колега, американскиот претседател Барак Обама нагласи дека Централна и Источна Европа постигнаа извонреден успех на кој треба да се горди. „Македонија е совршен пример. Секогаш кога ќе се сретнам со македонскиот претседател, разговараме само за прашањето за името. Тоа ме фрустрира. Ви ветувам претседателе Иванов дека уште еднаш ќе разговарам со Папандреу за ова прашање. Верувам дека и тој сака и е подготвен за решение“, изјави Обама.

Barack Obama Rede Grundsatzrede Mittlerer Osten Nordafrika
Претседателот Барак ОбамаФотографија: AP

Обама исто така рече дека сите земји од регионот на Централна и Источна Европа имаат индивидуални проблеми – етнички, политички, економски. „Сите имаме различни проблеми. Ние сме несовршени суштества, но она што е најважно е разликите и проблемите да се решааваат на мирен начин, со политички средства, дијалог и преку институциите“, рече американскиот претседател.

Според него, најважно од се’ е вратите на НАТО и ЕУ да се држат отворени за сите кои сакаат да се приклучат и ги исполнуваат критериумите. „Мојата порака до сите на оваа маса е: бидете горди на прогресот, ние стоиме зад вас, ќе ве поддржуваме. Само едно бараме за возврат, работете заедно со нас за демократијата, слободата, за заедничките цели. Мојот тим има јасни инструкции од мене. Вашите проблеми доаѓаат до мене и преку нашите амбасадори, и преку Стејт департментот и преку Вашингтон. Ве уверувам дека ќе има резултати од нашите разговори вечерва“, истакна Обама.

Инаку работната вечера на учесниците на 17-от состанок на претседателите од Централна Европа со Обама помина во исклучително конструктивна, отворена и продуктивна дебата, а централни теми беа демократијата, демократизацијата, како да им се помогне на источните соседи, ситуацијата во северна Африка, Балканот и неговата евроатлантска интеграција.

Автор: АТ/ ЖА/ миа

Редактор: Жана Ацеска