1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема нов предлог, но има позитивно расположение

10 февруари 2011

По новата рунда разговори за прашањето за името во Њујорк, која заврши без конкретни резултати, медијаторот на ОН Метју Нимиц изјави дека таа се одвивала во многу добра атмосфера. Биле разгледани повеќе опции за решение.

https://p.dw.com/p/10Eu4
Метју Нимиц: Атмосферата беше добраФотографија: Petr Stojanovski

Посредникот на ОН во македонско-грчкиот спор за името Метју Нимиц по синоќешната двочасовна средба во неговата резиденција на Парк-авенијата во Њујорк со претставниците на Македонија и на Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, истакна дека нема нов предлог за решавање на спорот, но и оти двете страни изразиле подготвеност да ги продолжат разговорите за наоѓање решение за прашањето за името.

„Атмосферата беше многу добра. Двете страни ги презентираа своите позиции. Има позитивно расположение да се реши проблемот“, изјави Нимиц. Тој како прогрес во процесот ги оцени минатогодишните средби на премиерите Груевски и Папандреу, кои, како што вели, имале позитивно влијание во напорите да се дојде до решение.

Matthew Nimitz UN Sondervermittler in Mazedonien
Македонскиот преговарач Зоран Јолевски (л.)потврди дека Нимиц не дал конкретен предлогФотографија: Petr Stojanovski

Василакис вели дека средбата била формална

Пред заедничката средба, Нимиц претходно и одвоено разговараше со двајцата преговарачи. Амбасадорот Јолевски потврди дека Нимиц не дал конкретен предлог за името, туку биле разгледани повеќе опции за решавање на спорот. Тој ги пренесол македонските позиции и ја истакнал подготвеноста на Македонија за наоѓање решение кое ќе ги заштити националните интереси и идентитетот.

Грчките медиуми, пак, пренесуваат дека Василакис, ја оценил средбата како формална, а целта била да се види до каде е процесот една година по последната рунда разговори.

„Она што можеме да го направиме во овој момент е да ги известиме нашите влади за заклучоците од средбата и да видиме што ќе се случи понатаму. Ја знаете грчката позиција која повеќепати ја кажаа премиерот и министерот за надворешни работи, и затоа нема потреба да се повторува“, рече Василакис.

Нимиц, Јолевски и Василакис синоќа (09.02) имаа и заедничка работна вечера.

Автор:СН/ЕМФ/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема