Нов поттик за Европа
22 август 2016Европските лидери Матео Ренци, Ангела Меркел и Франсоа Оланд со денешниот состанок на островот Вентотене, симбол на европскиот федерализам, ќе се обидат да ѝ дадат нов поттик на Европа, која е среде криза на идентитетот. Италијанскиот премиер Ренци треба да ја дочека германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Оланд и со нив да отпатува на островчето меѓу Рим и Неапол, каде тројцата би требало да пронајдат инспирација на гробот на Алтиеро Спинели, авторот на „Манифестот од Вентотене“, кој се залага за федерална Европа.
Островот Вентотене служел како затвор за еден од татковците кои ја создале Европа. Помеѓу 1941. и 1943. година островот за време на фашистичкиот режим служел како егзил за политичките противници, поголемиот број комунисти. Во две години 2.000 затвореници поминале во ќелиите на затворот Санто Стефано на Вентотене. Меѓу нив бил и Алитеро Спинели, новинар и комунистички активист. Во 1927. година бил осуден на 16 години затвор затоа што критички пишувал за доаѓањето на власт на Бенито Мусолини. Тој бил префрлен на островот во 1941. година, каде тајно го напишал „Манифестот од Вентотене“ кого историчарите го сметаат за една од основите на европскиот федерализам.
Целото име на текстот е „За слободна и обединета Европа“. „Предлог манифестот“ Спинели го пишувал на хартија за цигари и го криел во кутија со двојно дно и тајно го префрлил на копно, каде од 1943. година илегално се дистрибуирал.
Денес затворот е напуштен и би можел да се урне. Ренци во февруари најави вложување од 80 милиони евра од јавни фондови за обнова на комплексот кој сака да го претвори во место за култура и образование за младите Европејци.
Британскиот референдум за излез од ЕУ-брегзит, и неговите последици по иднината на ЕУ многу брзо ги собра лидерите на Германија, Франција и Италија на заеднички состанок во Берлин на 27. јуни, кога се зазедоа за тоа на Европа да ѝ се даде „нов поттик“. Британската одлука да ја напушти ЕУ е „политики пораз“ за Европа и би требало да биде „џиновски повик за будење“ за ЕУ која мора брзо да се реформира, истакна на крајот на јули Ренци. Состанокот на италијанскиот остров се случува три недели пред вонредниот самит на ЕУ за последиците од брегзит, кој е закажан за 16. септември во Братислава.