Напади врз синагоги во Франција
21 јули 2014На протестите против израeлската офанзива во Појасот Газа во Франција повторно се случија немири. Според француските медиуми повеќемина млади во париските предградија Сарсел и Гарж ли Гонес нападнале синагоги, запалиле автомобили, ограбувале продавници и фрлале камења против полицијата. Полицијата употребила солзавец и гумени куршуми.
Во Гарж ли Гонес дури биле фрлани молотови коктели врз зграда, се вели од еврејското здружение во Франција ЦРИФ. Помалиот пожар меѓутоа брзо бил изгаснат.
Во Сарсел демонстрациите прво беа мирни, но кога од неколкуте стотина луѓе се одделиле група бунтовници, десетици еврејски млади, некои од нив вооружени со железни шипки, формираа човечки синџир околу една синагога, за да ја заштитат, како што велат. На лице место излегла и полицијата. ЦРИФ одговорноста за нападите ја префрли на „групи фанатици“ и предупреди дека антисемитското насилство се зголемува секој ден.
Во саботата на една манифестација во населба на Париз, во која живеат голем број мигранти, дојде до немири. Овие демонстрации, исто како и вчерашните беа забранети од страна на властите.
Францускиот премиер Мануел Валис го осуди овој „нов вид на антимсемитизам“, кој според неговите зборови се шири меѓу младите во работничките населби.