На границата е повторно мирно
11 април 2016Обидот на бегалците да ја преминат грчко-македонската граница траеше неколку часа. Стотици мигранти, по проширувањето на гласини во Идомени дека Македонија ќе ја отвори границата, прво во близина на кампот демонстрирале мирно со барање за отворање на границата. По разговорот со грчката полиција, петмина бегалци дури се согласиле да отидат на границата и да преговараат со македонските власти.
„Ние не сме тие што ги држат границите затворени“, ја цитира дописничката на ДВ изјавата на еден македонски полициски службеник. „Ние ги следиме европските наредби. Ве молиме останете мирни и не се обидувајте да ја пробиете оградата“, им рекол тој на бегалците.
Еден од претставниците на бегалците одговорил: „Сфаќаме и сакаме да останеме мирни. Но, зад мене има 10 илјади луѓе - бегалци кои бегаат од војна - и тука се со месеци. Ние сакаме решение.“
Десет минути подоцна почнале обидите на бегалците за насилно пробивање на границата.
Раководителот на кампот за прием на бегалци од македонска страна, Зоран Лазаровски, за агенцијата АФП информира дека имало три групи бегалци од по околу 500 луѓе, кои се обидувале да ја пробијат границата на три различни места. Македонската полиција одговорила со солзавец. Полицијата, како што се вели, го сторила тоа за да се заштити, поради тоа што била гаѓана од страна на бегалците со камења и метални предмети. Македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во безредијата учествувале повеќе од 3000 мигранти и дека во текот на целото време грчките полициски службеници не интервенирале во спречување на безредијата на границата. За време на судирите, според МВР, повредени се 23-ца службеници, и тоа 14 полициски службеници и деветмина припадници на макеодонската армија, а оштетени се три возила на МВР и пет возила на АРМ. Меѓу странските полициски службеници на границата нема повредени, соопштува Министерството.
Организацијата Лекари без граници пак, соопшти дека во безредијата има над 250 повредени бегалци. Околу 200 лица се жалеле на проблеми со дишењето поради употребата на солзавец. Други 30 бегалци имале повреди од гумени куршуми, а 30-тина лица имале друг тип на повреди. Агенцијата АФП цитира портпарол на македонското МВР кој тврди дека гумени куршуми не биле употребени.
Грчкиот Кризен штаб за бегалската криза ја критикуваше реакцијата на Македонија. Според штабот, Македонија би требало да размисли за употребата на солзавец, заслепувачки гранати и гумени куршуми. Кризниот птаб се обрати и до бегалците со молба да не им веруваат на гласините за отворање на границата. Грчката полиција трага по странски активисти кои би требало да се одговорни за летокот со во кој се тврди дека границата ќе биде отворена. Грчките медиуми јавуваат дека наводно станува збор за британски ги ермански државјани, кои не се дел од ниту една хуманитарна организација на лице место, но кои сепак се ангажираат во кампот во Идомени. На летокот, на арапски јазик ракописно стои: „Термин за марш кон Македонија утре, недела, во 9 часот наутро“. Копии од летокот биле залепени во целиот камп, меѓу другото и на столбовите за струја.
Ова не е првпат странски помагачи да се вклучат во настаните во Идомени. Во слична акција на средината од март активисти со леток ги повикаа бегалците да тргнат кон границата со Македонија. Повикот го следеа околу 2000 бегалци, но беа вратени назад од страна на макеодонските безбедносни сили. При обидот да стигнат до другата страна на границата преку надојдената река, се удавија три лица.