1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците се кријат од протерување

Џефри Витекер / Е.М. Фиданоска5 април 2016

Протерувањата во насока на Турција се одвиваат главно без проблеми. За бегалците на грчките острови меѓутоа, тоа е погрешна насока. Бегалците со мали шанси за азил се обидуваат да се скријат за да избегнат протерување.

https://p.dw.com/p/1IPU4
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Пристаништето во Лезбос е место од кое Ајмал Фарук се плаши повеќе од што и да е друго. Оттаму бегалците се протеруваат во Турција. Заедно со 250 други Ајмал се крие од грчките власти во провизорен камп.

„Се плашиме, затоа што немаме поим што ќе направат со нас. Дадовме многу пари за ова патување до Европа, а потекнуваме од сиромашни семејства. Луѓето кај нас се многу сиромашни“, вели Ајмал.

Според гласините, грчките власти наскоро ќе влезат во кампот. Но, луѓето кои се овде, имаат мали шанси да добијат азил - и, тие го знаат тоа. Расположението затоа е напрегнато. Многумина велат: попрво би се убиле, отколку да се вратиме во Турција.

Во бегалскиот камп Мориа на луѓето одвај дека им останува нешто друго, освен да чекаат да бидат протерани. Оградени се со жица, медиумите и јавноста немаат пристап.

Бегалскиот камп во Мориа стана како затвор: снимање е строго забрането, а за бегалците нема можност за бегство. Од кампот, во наредните денови, неколку стотини бегалци ќе бидат протерани назад во Турција. Организациите за човекови права оценуваат дека оваа процедура претставува кршење на човековите права.

Овде можете да го погледнете видеото:

Бегалците се кријат од протерување

Во пристаништето на Лезбос два патнички брода се подготвени за наредното патување. Никој овде не знае точно кој мора да се качи на бродовите и кога. Но, за многумина сонот за нов живот во Европа ќе заврши зад портата на кампот. Критичарите велат: договорот му штети на здравјето на бегалците. Гаури Ван Гулик од Амнести Интернешнал, објаснува:

„Договорот меѓу ЕУ и Турција се заснова на два постулати, кои според нас се погрешни. Од една страна, се тргнува од тоа дека Грција е подготвена и е во состојба да го третира секој бегалец поединечно и на тој начин да гарантгира функционална постапка за азил. Од друга страна, се поаѓа од тоа дека Турција е безбедна земја за враќање, а видовме дека не е така.“

Во провизорниот камп постојано има нови гласини. Некои бегалци слушнале дека двајца нивни пријатели по пристигнувањето во Турција си го одзеле животот. Никој не знае дали оваа приказна е вистинита или не. Меѓутоа, она што е вистинско овде е - очајот.