1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел го критикува говорот на Трамп во ОН

20 септември 2017

Во ексклузивно интервју за Дојче веле, канцеларката Ангела Меркел се заложи за мирна разврска на конфликтот со Северна Кореја. Таа смета дека Германија може да посредува во спорот.

https://p.dw.com/p/2kOQB
Deutschland wählt DW Interview mit Angela Merkel
Фотографија: DW

Германската канцеларка Ангела Меркел остро го критикуваше говорот на американскиот претседател Доналд Трамп пред Генералното собрание на ОН. Во интервју за Дојче Веле, Меркел вели дека е против закани какви што во говорот испрати Трамп.

„Јас сум против такви закани. Од мое, и од име на владата сакам да кажам дека секој вид на воено решение го сметаме за апсолутно несоодветно и се залагаме за дипломатски напори. Тоа мора енергично да се имплементира. Според мене, санкциите и нивната имплементација се вистинскиот одговор. Но, сѐ друго во однос на Северна Кореја мислам дека е погрешни. И во тој дел имаме јасни разлики со американскиот претседател“, вели Меркел за ДВ.

Меркел на дистанца од Трамп

Таа порака, Меркел му ја испратила на Трамп и во телефонски разговор пред неговиот настап пред ОН.

Во пресрет на гласањето в недела на 24 септември, според анкетите, Меркел и нејзината демохристијанска партија ЦДУ се во убедлива предност и речиси е сигурно дека по 12 години на чело на владата, Меркел ќе остане канцелар и во следните четири години. На второ место се Социјалдемократите кои ги предводи Мартин Шулц и кои во изминатите четири години беа дел од широката владина коалиција. 
Темата која ги обременува изборите е потенцијалниот успех на десно-радикалната АфД (Алтернативата за Германија) која би можела да стане трета најсилна партија во новиот состав на Бундестагот. Најдобрата стратегија против десните популисти, вели Меркел, е да се решаваат проблемите на луѓето. „Грижите кои ги имаат луѓето, да си обезбедат работа, да има добри училишта, добра медицинска нега- да се погрижиме за тие проблеми. Но во истовреме, од друга страна, да поставиме јасен знак против омразата и насилството“, рече канцеларката Ангела Меркел во интервју за ДВ.