Трамп во ОН: Подобро е кога чита напишан говор
20 септември 2017„Америка прво“. Со ова мото во кампањата, Доналд Трамп стана 45. претседател на САД. Америка - со тоа Трамп мисли само на САД, не и на Канада или Мексико или на која било држава подолу на југ. Во визијата на Трамп за светот, Америка не само што е на прво место, туку честопати и сама во светот. Меѓународните договори, честопати за Трамп се пречка за Америка. Во текот на кампањата, Обединетите нации му служеа како боксерска вреќа за критики и навреди.
Тоа беше во 2016, во меѓувреме Трамп стана претседател и со тоа државник, а државникот се однесува поинаку од политичарот во предизборна кампања. Пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, државникот Трамп порача: „Како претседател на САД секогаш ќе ја ставам Америка на прво место. Исто како што и вие, како шефови на своите земји, секогаш ќе ги ставате своите земји на прво место и тоа и треба да го правите“. Сите кои водат држави се должни да им служат на своите граѓани, порача Трамп.
Државниот суверенитет - за него Трамп говореше повеќе пати. Силните и независни држави можат да ги зајакнат ОН, вели тој. „Ние не сакаме да го наметнуваме нашиот начин на живот секому“. Но, САД сакаат да бидат светол пример. Мир, безбедност и суверенитет за сите држави во светот се важни цели, вели тој. Трамп и неговата визија за светла иднина на ОН.
Само уште да не постоеја неколку држави, кои Трамп ги нарекува „непресметливи режими“, а чии претставници во ОН го следеа говорот на Трамп со скаменети погледи. За нив, државникот имаше јасни зборови. Северна Кореја - по ракетните тестови од минатите недели и онака омилен непријател на Трамп - ќе се соочи со целосно уништување, доколку ги нападне САД и или нивните сојузници. Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун од Трамп го доби прекарот „ракетен човек“ (Рокетмен), кој е во самоубиствена мисија, а критиките потоа продолжија и против неименувани држави кои тргуваат со Северна Кореја и го поддржуваат нејзиниот воен развој. Две, три реченици понатаму Трамп експлицитно им се заблагодари на Кина и Русија за нивната поддршка на новите санкции во ОН против Северна Кореја. Меѓународната политика е секако комплицирана.
И Иран припаѓа кон групата држави кои, според Трамп, го тероризираат сопственото население и шират страв и терор во светот. Договорот за атомското оружје со Иран бил наједностраниот „дил“ во историјата и срам за САД- во овој случај повторно говореше самонаречениот светски првак во бизнис, кој политичките договори и натаму ги меша со бизнис договори. На претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, Трамп му префрли дека го угнетува сопствениот народ и дека не го спроведува социјализмот лошо, туку буквално. Од публиката во ОН успеа да измами насмевки со оваа изјава.
Во истовреме, на Трамп му стана јасно дека ОН не само што чинат пари, туку можат да бидат и корисни - тој ја повика заедницата на „силни и независни држави“ да го поддржат во судирот со „непресметливите режими“.
Реакциите во САД
Постојат стравувања дека американската јавност по говорот на Трамп во него повторно ќе види нешто „претседателско“- едноставно, затоа што посакуваат таков претседател. Во 40-минутниот говор, без поголеми импровизации, и со јасни закани против вообичаените осомничени, со неколку пофални зборови за идеите и карактерот на ОН, со многу малку испади како во изборниот период, притоа со поттикнувачки зборови за свет на суверени нации, исполнет со патриоти подготвени да се жртвуваат - што да се очекува повеќе од овој претседател?
Токму тоа е проблемот: од една претседател на САД, на суперсилата, која уште во 1990 години остана единствена во светот, светот мора да очекува повеќе од одлучен говор без поголеми грешки. Она што светот треба да го очекува е: предвидливост. Тоа не може да се очекува од мали „непресметливи режими“ туку далеку повеќе од една суперсила.
Во својот говор во Њујорк, Трамп се обиде да изгради впечаток дека неговата влада е предвидлива. Сега само треба да го причекаме следниот Твитер-испад на претседателот.