Мала реконструкција не ја решава големата криза!
13 мај 2015Не се доволни оставките на Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков. Бараме оставка од Никола Груевски и целата Влада, порачаа синоќа (12.05) граѓани собрани пред Собранието, по изненадувачките и координирани оставки на тројцата владини функционери. За денеска во 13 часот е закажана вонредна седница на Собранието, на која пратениците ќе се изјаснат за предлогот на премиерот за избор на нови министри. Груевски за нов министер за внатрешни работи го предложи Митко Чавков, актуелен директор на Бирото за јавна безбедност во МВР, а за нов министер за сообраќај Владо Мисајловски, сегашниот директор на Јавното претпријатие за патишта.
По оставките на владините функционери, се шпекулира дека ќе следат и оставки во обвинителството. Како што велат од ДУИ, бранот на реконструкција засега нема да ја зафати нивната партија. Откако синоќа во некои медиумите се проширија неофицијални информации дека и министерот за образование, Абдулаќим Адеми, поднел оставка, следеше негов демант: „Ниту јас, ниту кој било друг министер Албанец нема поднесено оставка“.
Неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, кои од денеска веќе нема да бидат членови на владиниот кабинет, во образложението за оставките, меѓудругото, наведоа дека си заминуваат поради длабоката политичка криза во земјата и дека се надеваат дека со тој чин ќе помогнат во нејзиното надминување. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, уште синоќа оцени дека оставките се само еден чекор до крајот на владеењето на Никола Груевски.
„Се што зборуваваме се потврди. Ова е доказ и за прислушкувањето, и за автентичноста на разговорите. Ова е доказ и за содржината на разговорите, кои ги потврдуваат сите незаконитости и криминали на Никола Груевски и врвот на власта. Но, не е време за триумфализам! Оставките на Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков не се наша крајна цел. Ова е само чекор до крајот на Никола Груевски“, смета лидерот на СДСМ.
Реконструкција нема да ја реши кризата
Во владината коалиција владее блага воздржаност. Коалициските партнери на Груевски не сакаат да ги коментираат оставките, ниту да го прогнозираат натамошниот развој на настаните. Единствено Павле Трајанов, лидер на владејачкиот Демократски Сојуз, даде куса оценка.
„Очигледно, започна процесот на утврдување на политичка одговорност на носители на функции. Заложба на Демократскиот Сојуз беше да се отвори распрва во парламентот и процес на транспарентна постапка, за тоа кој во колкава мера е одговорен за актуелните состојби. Расправа во парламентот не се отвори, но, еве и без тоа, премиерот одлучил да направи реконструкција“, вели Трајанов.
Лилјана Поповска, лидер на партијата ДОМ, која минатата недела ја напушти владината коалиција и се соочи со тешки уцени и притисоци од власта поради тој чин, вели дека оставките требало да паднат многу порано.
„Оставките се знак дека дел од реалноста допрела до Владата и конечно реагираат. Но, ова се очекуваше пред повеќе од два месеца, кога почнаа да се објавуваат 'бомбите' од опозицијата и кога целата јавност остана шокирана од содржината. Низ приватните разговори на снимките се откри начинот на размислување и делување на некои функционери, кое никако не личеше на сликите што за нив беа создадени во јавноста, зашто говореше за непочитување на правната држава, човековите права и слободи. Но, реконструкција на истата Влада нема да ја реши политичката криза, зашто преголем стана револтот на граѓаните. Нужно ќе биде да се формира широка коалициска Влада, избрана заедно со опозициските пратеници во Парламентот, која ќе ги подготви предвремените избори. Нужна ќе биде и оставка на јавниот обвинител и избор на друг со консензус, зашто тој е клучната фигура во правната разврска. Кога граѓаните се масовно на улици низ цела земја, секоја Влада мора тоа да го земе предвид и соодветно да постапи. Не се оди против народот!“, порачува Поповска.
Темната верзија на оставките
Експертската јавност оставките на владините функционери ги доведува во корелација со средбите на амбасадорската „шесторка“ со премиерот Груевски и со неговиот коалициски партнер Али Ахмети, при што, кон нив беа упатени сериозни критики за „неприфатливо“ однесување во време кога е потребен излез од кризата и утврдување на одговорноста за причините што доведоа до неа. Но, зад овие претпоставки, постои и „темна верзија“ за причините што довеле до оставки на функционерите од МВР.
Медиуми, повикувајќи се на „добро упатени извори“, објавија дека оставките на Јанкулоска и Мијалков се резултат на сознанија за однесувањето и инволвираноста на лица од Петтата управа на МВР во настаните во Куманово. Лица од таа управа, наводно, според разузнавачки податоци кои им биле предочени на Јанкулоска и Мијалков, контактирале со луѓе од терористичката група, која во минатиот викенд имаше дводневна престрелка со македонските безбедносни сили, во која загинаа осум полицајци, а 37 беа ранети. Според овие шпекулации, оставките биле мотивирани токму од шокантното сознание дека странски амбасади знаат за комуникацијата на луѓе од Петтата управа со терористите во Куманово. Но, за да се оттргнат во јавноста сомнежите дека функционерите се „лизнале на Куманово“, била вкалкулирана и оставката на Јанакиески, со цел да се остави впечаток за „тековна реконструкција“ на Владата.
Иако е се уште рано да се повлекуваат врски помеѓу домашните политички актери како директно инволвирани во подготовката и одвивањето на кумановските настани, според интензитетот на судирите, бројот на жртвите, разрушувањето и севкупната сенка на сомнеж врз службените верзии, сепак, може да се потврди дека токму Куманово беше капката што ја прели чашата, вели аналитичарот Арсим Зеколи.
„Вториот заклучок е дека оставките ја разбија компактноста на огледалото во кое Груевски се претставуваше како несоборлив лидер кој не подлежи на притисоци, како непопустлив пред барањата за оставки, како стоички водач спремен да се жртвува до последен час. Таа слика и тој привид на Груевски, но и на Ахмети, го доживеа својот крах и колапс, од кој веќе нема да може да се соземат и да ја објаснат пред членството својата нова природа на уплашени водачи, подготвени за личен интерес да ги жртвуваат сите најблиски соработници“, оценува Зеколи.