Паднаа првите оставки
12 мај 2015Премиерот Никола Груевски се откажа од услугите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и и шефот на УБК, Сашо Мијалков.
Груевски вечерва до Собранието експресно доставил и предлог за избор на двајца нови членови на Владата. За нов министер за внатрешни работи се предлага Митко Чавков, а за министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски седницата за избор на новите членови на Владата ја закажал за утре во 13 часот.
Тројцата разрешени функционер важеа за најблиски соработници на Груевски во владата и се дел од неа уште од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година. Мијалков е и братучед на Груевски.
„Во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направам ова ќе помогнам во надминување на политичката криза, која ја наметна опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на наша страна и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно“, наведува Мијалков во оставката.
И Јанкулоска и Јанакиески во образложенијата за оставките, наведуваат дека си заминуваат како резултат на длабоката политичка криза во земјата и објавените прислушувани разговори од страна на опозицијата.