„Мал Идомени“ на границата кон Унгарија
4 јуни 2016Во Белград секојдневно пристигнуваат 200 до 300 луѓе од Авганистан, Сирија, Пакистан и од африканските земји. Хуманитарните организации велат дека во последните недели бројот на бегалци „стабилно расте“. Поголемиот број активисти и помагачи, кои беа активни минатата година, повторно се секојдневно во паркот кај автобуската станица, каде што се собираат мигрантите за да се информираат за продолжување на патот кон Унгарија или да стапат во контакт со криумчарите.
Малиот парк кај перонот за пристигнување веќе е познат како Сириски парк додека оној од спротивната страна на улицата колоквијално се нарекува Авганистански парк. Полицијата и обезбедувањето со ознака од Комесаријатот за бегалци патролираат тука, ја надгледуваат ситуацијата и се обидуваат да го спречат лежењето на зелените површини и поставувањето шатори. Поголемиот број од бегалците ноќите ги поминуваат во азилантскиот камп Крњача. Два автобуса ги превезуваат сите заинтересирани до тој центар, каде бегалците ги чекаат кревети, храна, тушеви и безжичен пристап до интернет.
Криумчарите нудат услуги
Елјасин, 26-годишен Авганистанец, заедно со своите пријатели го пропуштил автобусот до Крњача. Сега на клупите во паркот се расправаат како да постапат. Тука не смејат да спијат, а пари за хостел немаат. „Дојдовме од Бугарија пред 2 дена. Кога слушнавме дека можеме да останеме тука во центарот на градот без документи, одлучивме да направиме мала пауза и да се подготвиме за наредната пречка - Унгарија“, вели Елјасин. „Се одморавме во кампот, но сакавме да го видиме и градот. Белград е преубав! По долго време поминавме еден убав ден и не ни е жал што го пропуштивме автобусот.“
Авганистанецот и неговите пријатели- главно малолетни- ги напуштиле своите домови во родниот Багран, село во провинцијата Хелманд кое е под контрола на Талибанците. Заедно тргнале кон Иран, Турција, Бугарија и Србија, делумно пеш, криејќи се. Границите ги преминале илегално.
„Нашето село е упориште на талибанците. Немавме избор. Моравме да ги напуштиме домовите за да живееме нормален живот, да се образуваме, да бидеме почитувани како луѓе. Сакаме да работиме за да им обезбедиме на семејствата што повеќе пари“, вели момчето. „Знам, не може сѐ да се постигне одеднаш, но морам да пробам. Ни овој пат не е потежок од животот во Авганистан.“ Додава дека сѐ би одело многу полесно доколку би имале пари за криумчарите. Во Крњача слушнал дека за 1.500 евра може да стигне „до ЕУ“. „Но ние немаме толку пари и ќе мораме сами да се снајдеме, како и досега.“
За време на разговорот ни приоѓа едно момче, гордо мавтајќи со некаква хартија. „Најдов упатство како да стигнеме до кампот“, вели тој. На загрижените лица на Авганистанците се шири насмевка, се поздравуваат и брзаат кон блиската трамвајска станица.
Нечовечки услови кај Хоргош
Според податоците на УНЦХР, во моментов во транзит низ Србија поминуваат околу 1.400 мигранти. Од Белград одат на север, кон Унгарија, со автобус или со превоз кој го организираат криумчари. По одморот во Суботица, мигрантите одат кон периферијата на Хоргош, каде на ничија земја меѓу две држави изникна мала шаторска населба. Повеќе од 300 луѓе престојуваат во импровизирани засолништа, под крошни од дрвја и раширени ќебиња. Покрај се наоѓа унгарската гранична ограда, со бодликава жица. Луѓето трпеливо чекаат шанса да поминат на територијата на ЕУ.
Меѓу нив го сретнуваме Махмуд, 17-годишно момче кое го напуштило Авганистан со уште 12 членови од семејството. „Дојдовме тука пред 20 дена, и сѐ уште чекаме да преминеме во Унгарија. Нема строго утврдени процедури, унгарските власти пуштаат мали групи од 15 луѓе дневно, главно семејства со мали деца. Тоа е мал број, со оглед на тоа дека тука кампуваат стотици луѓе.“
Кампот расте од ден на ден. Меѓу бегалците е веќе наречен „мал Идомени“, бидејќи лоште услови потсетуваат на тоа грчко селце каде од неодамна веќе нема мигранти. Кај Хоргош нема тоалети ни тушеви, а храна, пијалок и чиста облека носат само волонтери од разни хуманитарни организации. Жените на една чешма ја перат облеката, додека мажите копаат дупки во тревата да запалат оган. Само децата се во свој елемент, босоноги трчаат меѓу шаторите и шутираат конзерви.
„Ситуацијата е нехумана, но тоа не ни пречи. Само сакам да го продолжам патот до Швајцарија. Ако во наредните денови не влеземе во Унгарија, повторно ќе ги побараме криумчарите“, вели Махмуд. Неговото многучлено семејство досега потрошило 35 илјади евра на криумчари. „Продадовме сѐ што имавме во Авганистан, вклучително и куќата“. Парите кои попат ги потрошивме се исплатеа, на пример кога македонската полиција нѐ фати мене и брат ми додека преминувавме во Србија. Само еден ден откако нѐ вратија во Грција, повторно бевме на пат кон север. Криумчари не префрлија до Хоргош, каде повторно сме заедно со семејството.“
Махмуд вели дека единствена желба му е што побргу да оди натаму. „Дури и ако унгарската полиција нѐ врати, ќе се пробиеме преку Романија. Нема да се откажеме додека не пристигнеме во Швајцарија.“