1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непрепознавање на менструалната сиромаштија

ЕМФ | МИА
13 ноември 2021

Новата студија „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, покажува дека менструалната сиромаштија останува во голема мера непрепознаена.

https://p.dw.com/p/42xDj
Tampons und Binden
Фотографија: picture-alliance/maxppp/C. Prigent

Студијата „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, изработена од Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“ и презентирана на 12.11.2021 во Скопје, содржи три нивоа на истражувања кои ги отвораат прашањата за менструална правда преку анализа на искуствата, практиките и социјалните перцепции на жените, девојките и другите лица кои менструираат, како и преку пресметки за трошоците за менструалното здравје и добри практики од регионот и пошироко.

Направено е онлајн-истражување, во кое учествувале 2.696 полнолетни жени, девојки и други лица кои менструираат (од кои 91% живеат во урбана средина и повеќе од половината се вработени - 56%), потоа онлајн-истражување на 307 ученички од 20 случајно избрани средни училиште од сите осум региони во Северна Македонија, а направени се и пресметки со проценки за трошоците за менструалното здравје.

Студијата покажува дека 71% од учесниците во истражувањата не слушнале за менструална сиромаштија. Притоа, речиси секоја трета учесничка одговорила дека барем еднаш во животот, а половина од учесничките и повеќепати, се нашле во ситуација да немаат пари да купат влошки и да мора да импровизираат со крпи, тоалетна хартија...

Karikatur | Die menstruelle Armut
Карикатура на „Бела Мачка“ на тема менструална сиромаштија

77% од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена, а 39% понекогаш купуваат поевтини производи за менструална хигиена од оние што инаку им се најдобри. Процентот на оние што се принудени да купуваат поевтини производи од тие што би сакале да ги користат се искачува на 56% кај оние што земаат минимална плата, на 47% кај хонорарно ангажираните, на 49% кај домаќинките и 44% кај студентките и ученичките.

Вкупно 71 процент од анкетираните жени или девојки користат лекарства против менструална болка, а за набавка на истите 64 отсто трошат до 300 денари месечно. Дури 90 проценти се согласуваат дека треба да има бесплатни производи за менструална хигиена во јавните објекти, а исто толку проценти сметаат дека во јавните тоалети во земјата нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена.

Повеќе: Шкотска - прва земја во светот со бесплатни хигиенски производи за жените

Во истражувањето, покрај другото, се оценува дека општеството сѐ уште ги „учи“ девојките дека е „срамота“ да имаат дамки од менструација на облеката или „да им протече“ - дури 67% од учесничките одговориле дека ваков став им бил наметнат со социјализацијата и воспистувањето, а 41% се обидувале или сѐ уште се обидуваат да ги скријат влошките (или други производи поврзани со менструација) кога ги носат во тоалет или кога ги купуваат, затоа што е „срамота да се гледаат влошки“. Кај младите (18-19 години) овој процент е уште поголем - 54%.

Врз основа на добиените податоци од истражувањето, се препорачува целосно ослободување или намалување на данокот на додадена вредност од 18% на 5% на производите за менструација со цел намалување на продажната цена на овие производи, како и достапни производи за менструација во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територијата на државата, на товар на буџетот и бесплатни за ученичките.

Бесплатни хигиенски влошки

Покрај тоа, се бара и детабуизирање на менструацијата и ослободување од дискурсот на „срамота“ преку едукативни кампањи и јавни дебати за менструална правда, како и едукација на стручните служби и воспитно-образовниот кадар во училиштата за да можат да го препознаат влијанието на стигмата кон менструацијата врз психофизичкото здравје, навики и образовни резултати кај девојчињата.