Македонската влада ризикува распад на државата
11 мај 2015
Во Германија владее голема загриженост, но и разочараност поради случувањата во Македонија, а односот на владата кон кризата не наоѓа на никакво разбирање, вели во разговор за ДВ, Франц-Лотар Алтман експерт за балканскиот регион, член на Друштвото за соработка со Југоисточна Европа и на Фондацијата Бертелсман, како и професор на Универзитетот во Букурешт.
Алтман вели дека случувањата за време на викендот во Куманово, ги зголемуваат стравовите дека „нештата би можеле целосно да излезат од контрола и да доведат во граѓанска војна“.
„Го следиме со голема загриженост константното влошување на политичката состојба во Македонија. Не може да се исклучи дека состојбата би можела да излезе од контрола, со последици не само за самата држава, туку и за соседството“, го коментира Алтман развојот на состојбата во Македонија, откако опозицијата започна со објавување на прислушкувани материјали.
„Кај албанското малцинство би можеле да зајакнат тенденциите кон сепаратизам за разлика од досега. Неразбирливо е зошто актуелната конзервативна влада ризикува натамошен распад на општеството и на самата држава. Тврдите интерпретации од страна на владата на обвинувањата кои се однесуваат на очигледни повреди на основните човекови права не наоѓаат на никакво разбирање ниту прифаќање во странство“, вели Алтман.
Германскиот експерт објаснува оти авторитарните тенденции на владата предводена од Никола Груевски претставуваат проблем за земјата и ги загрозуваат односите со ЕУ и со Германија.
„Авторитарното владеење и насилството против граѓаните кои протестираат нема да помогнат да се реши домашната политичка состојба и само ќе ја продлабочи веќе постојната отуѓеност меѓу ЕУ и Македонија.
Особено Германија е многу вознемирена и разочарана, затоа што Берлин последниве години секогаш се обидуваше да му помогне на Скопје во приближувањето кон НАТО и ЕУ.
Претходно позитивниот имиџ на Македонија константно се урнисува последниве месеци што предизвикува сѐ поголеми потешкотии да се убедат пратениците да го промовираат германскиот ангажман во однос на Македонија, без разлика дали се работи за рамката на претпристапните преговори или во несреќниот спор за името“, вели Алтман.
Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер неодамна го критикуваше односот на владата во Скопје кон кризата, и порача дека се очекуваат оставки. Алтман ги повикува ЕУ и официјален Берлин посериозно да се вмешаат во кризата.
„ЕУ и особено Германија, која се уште има силно влијание како неутрален актер кој честопати изразуваше симпатии за земјата, мораат под итно да и се обратат на владата во Скопје и да повикаат на безусловни преговори со опозицијата. Инаку, македонската демократија, слаба каква што е, ќе заврши во национална катастрофа“.
На 1 мај годинава, за време на посетата на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер на неколку земји од регионот, агенцијата Ројтерс известувајќи за посетата ја пренесе загриженоста на европските дипломати околу состојбата на Балканот, и притоа особено беа потенцирани две земји- Македонија и БиХ. Алтман ја дели оваа загриженост, но смета дека ЕУ нема силни инструменти со кои би можела да влијае врз состојбата.
„Јас сум навистина загрижен поради негативниот развој во Босна (пред сѐ во Република Српска) и во Македонија, особено затоа што прелевањето не може да се исклучи. Притоа сметам дека ЕУ е немоќна, затоа што повеќе од вербални апели не може да се очекуваат. Единствениот инструмент кој и е на располагање на ЕУ е перспективата за членство, и таа е, и во двата случаи, многу слаба алатка“, вели германскиот аналитичар Франц-Лотар Алтман во разговор за Дојче веле.