1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Брисел веќе не го примаат Груевски

З. Јордановски/тац/фац/дивелт8 мај 2015

Балканот е во фокусот на повеќе написи во денешните изданија на германските весници. Внимание е посветено на состојбата во Македонија, проблемот со азилантите, но се фрла поглед и врз целокупната состојба во регионот.

https://p.dw.com/p/1FMpo
Фотографија: MIA

„Во Брисел веќе вопшто не сакаат да го примаат македонскиот премиер Никола Груевски. Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во четвртокот искажа загриженост поради растечкото насилство во Македонија. Европа и меѓународната заедница со констернација гледаат на земјата, за која пред десет години уште се врзуваа надежи за политички и економски реформи на Балканот, а сега стана проблематичен случај“, пишува весникот „Тагесцајтунг“ (ТАЦ) од Берлин. Во текстот понатаму се известува за демонстрациите и „репресивните мерки на државата“. „Од кругови на тајната служба и’ беа доставени на опозицијата снимки од прислушувања, кои таа постепено ги објавува“, пишува весникот објаснувајќи ги причините за настанатата ситуација. Прислушувани се преку 100 новинари и повеќе од 20 илјади граѓани, цитиран е Зоран Заев. „Тие постапки ја покажуваат поврзаноста меѓу премиерот, тајната полиција, и медиумите, како дел од еден систем кој го изградил премиерот со луѓето од доверба и со роднините“, се наведува во текстот. Пренесени се и примери кои зборуваат за изборни манипулации, влијанија во медиумите при известувањето за апсењето на Љубе Бошковски, како и обвиненијата од опозицијата дека премиерот Груевски добил од кинеска фирма мито од 20 милиони евра. „Владата не го оспори постоењето и вистинитоста на снимките. Но, таа се сокрива зад теорија на заговор“ пишува ТАЦ и го цитира Груевски дека прислушувањето било наредено од неидентификувана „странска тајна служба“.

ЕУ не треба Балканот да го гледа како периферија

„Би можеле да бидеме посилни, кога Грција, како порано, би ја преземала водечката улога во регионот. Потенцијалот е огромен и тоа ми влева увереност. Во 11. земји живеат 70 милиони луѓе, со Турција се речиси 150 милиони. Тоа е многу динамичен пазар во пораст. Потребна ни е само продлабочена интеграција во Југоисточна Европа“, вели Росен Плевнелиев, претседател на Бугарија, во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). И покрај проблемите во меѓусебните односи на земјите од регинот, Плевнелиев ги истакнува „почетоците на соработка кои многу ветуваат, на пример во поврзувањето на патната мрежа или на електроснабдувањето. За многу земји од регионот ЕУ е решавачкиот мотор - или со тоа што се членки и профитираат од Унијата, или пак со тоа што сакаат да и’ пристапат“. Плевнелиев укажува и на големите инвестиции во регионот: ЕУ става на располагање околу 50 милијарди до 2020 година, Кина инвестира 15 милијарди во инфраструктура во Југоисточна Европа, Турција 23 милијарди за брза железница и за изградбата на најголемиот светски аеродром. „Ние очекуваме дека наскоро Балканот ќе тргне на нагорен тренд“, заклучува Плевнелиев. За улогата на Русија во регионот, тој нагласува дека „Балканот е во центарт на геополитичкиот интерес на Москва. Овде таа сака, како и порано, да покаже дека е велесила. Ние тоа го сметаме за погрешно, оти од таквата политика произлегува опасност таа да се наметне над волјата на народите и да предизвика нова нестабилност“. Плевнелиев одговорот на таквата политика го гледа во засилен ангажман на ЕУ: „ЕУ би требала Балканот веќе да не го смета за периферија, туку за средиште на европската политика. Таа овде наидува на многу повеќе симпатии отколку Русите, таа шанса мора да се искористи. ЕУ е најдоброто што сме го создале во Европа од Првата светска војна наваму“, потенцира бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во интервју за ФАЦ.

Албанците ја открија Германија

Германија бележи „постојан прилив од баратели на азил од државите на Западен Балкан. На почетокот на годината доминираа азиланти од Косово. Во меѓувреме доаѓаат првенствено бегалци од Албанија“, известува „Ди велт“. (...) „За разлика од косовските Албанци, Албанците од Албанија немаат проблеми со влезна виза. Благодарение на визната либерализација, која стапи во сила во ноември 2010 година, тие со албански пасош можат без проблем да влезат во Шенгенската зона. Но, за да останат долгорочно, бараат азил во Германија. Тие знаат дека барањето ќе биде одбиено, но наоколу се зборува дека Германија многу бавно ги поротерува одбиените баратели и не го прави тоа масовно. Дотогаш може да се работи на црно, да се прима социјална помош, која делумно е и над албанскиот животен стандард. (...) Големиот бран на иселување од Косово започна откако Србија, под притисок од ЕУ, ја отвори својата граница кон Косово. Кога бандите за шверц на луѓе забележаа дека српско-унгарската граница речиси ни не се контролира, во Косово пуштија глас дека кај нив, за скапи пари, може не само да се резервира успешно (илегално) патување во Германија, туку истовремено може да се резервира и работно место. Многумина мигранти мислеа дека во Германија лесно ќе најдат работа, што се разбира беше лага“, пишува „Ди велт“.