„Истрели во бурето барут“
12 мај 2015„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) објави голем текст за Македонија под наслов „Од кандидат за прием, до безбедносен ризик“ во кој констатира дека „Македонија беше држава за пример на Балканот. Комисијата на ЕУ повеќепати советуваше да се започнат преговори за пристап, што Грција секогаш го блокираше. Сега, по крвавите борби од викендот, земјата повторно се ближи кон времето на граѓанската војна од 2001“.
Во репортажниот запис прво се дава сликовит опис на градбите од проектот „Скопје 2014“ кого авторот Михаел Мартенс го означува како „гигантомански“ и како „мешавина од екстрамонументален архитектонски сталинизам и Дизниленд“.
Потоа се преоѓа на политичката ситуација во земјата со укажување на грчката блокада на евроатлантската интеграција на Македонија. „Тоа не остана без последици. Земјата одамна ја губи некогашната улога на предводник на Балканот и се’ повеќе заостанува. Корупција и авторитарно однесување на владата ја потиснаа некогашната реформска ревност. Ситуацијата денес катастрофално потсетува на 2001 година(...). Македонија една деценија седи во европската чекалница, но за време на долгото чекање (...) земјата не стана позрела и подемократска, напротив. Можеби Македонија во 2005 година уште и била зрела за почеток на преговори за прием, но во 2015 таа веќе не е“. Авторот го цитира министерот за надворешни работи Никола Попоски: „Чудо е веќе и самото тоа, дека високо ја држиме европската агенда, иако со години веќе не гледаме веродостојност во процесот за пристапување“. Михаел Мартенс подетално се задржува на спорот околу името и преговорите во врска со него и вели дека „во Скопје може да се слушне дека би можела да се постигне согласност за името ’Северна или Горна Македонија‘, но Грција го бара невозможното: Македонците да се преименуваат себе си и својот јазик и тоа да го утврдат во својот устав“. Потоа е пренесена оценката на Попоски дека за земја како Македонија „нема друга поверодостојна стратегија, освен членство во НАТО и ЕУ“, и дека и Европа смета на тоа и затоа не се ангажира многу околу Македонија. „Тој став се базира на опасна заблуда дека Македонија некако сепак ќе остане стабилна“, предупредил Попоски во разговорот воден уште пред настаните до викендот. И Артан Груби предупредил да не се потценуваат последиците од повеќегодишната блокада на интеграцијата на Македонија, оти „99 проценти од Албанците“ сакале пристапување кон НАТО и ЕУ. „Ако Грција е заинтересирана за стабилност во регионот, треба да и’ дозволи на Македоинија барем да стане дел од НАТО“ рекол Груби и посочил на случувањата во Украина: „Таква ситуација и’ се заканува сега и на Македонија“. Авторот Мартенс овие зборови ги толкува како желба на Албанците за интеграција во НАТО по цена и на распад на македонската држава „со несогледливи последици за Косово, Албанија и со Албанци населената Јужна Србија“.
Погледот потоа се врти кон премиерот Груевски: „Никола Груевски никогаш не беше омилен на Западот.Откако македонската опозиција ги објави приуслушуваните телефонски разговори кои откриваат систематска злоупотреба на власта, се смета дека на Груевски му е одброено. Во Брисел речиси никој не сака да си има работа со шеф на влада кој не го почитува владеењето на правото“.
Но, одговорноста за најновата ескалација не ја сноси само тој, туку таа има врска и со тешките борби за превласт внатре меѓу Албанците, констарира авторот и предупредува: „Патот на Ахмети (Али Ахмети, ДУИ - н.з.) до власта е трасиран со крв, само тоа многумина западни дипломати во Скопје одамна го заборавиле или никогаш не го сфатиле. Уште е нејасно за кого или за што се ангажираа тешко вооружените Албанци во Куманово и што тие планирале, но со месеци се’ посилната внатреалбанска критика на сметка на Али Ахмети би можела да има некаква врска со нивното појавување. Борбената слава на Ахмети од 2001 одамна избледе, неговата партија ја сметаат за корумпиран апарат за одржување на власта. Токму во регинот на Куманово многумина од некогашните борци се политички и материјално незадоволни. (..) Врие меѓу Албанците, пред се’ во жешката погранична област кај Куманово. Некои од некогашните борци се вплеткани во криминални бизниси и шверц“, тие се поврзани со Албанците од Косово и Јужна Србија и од таму веројатно потекнуваат и борците од сомнителната банда која се бореше во Куманово против полициските специјалци, се наведува на крајот од опширниот текст на ФАЦ посветен на случувањата во Македонија.
„Истрели во бурето барут“
„На прв поглед е недвосмислено јасно што се одигра на викендот во македонското Куманово. Десетици наводни терористи подготвуваат напади, можеби дури и во 40 километри оддалечениот главен град Скопје, но се откриени од специјалците“, пишува во уводот „Зиддојче цајтунг“ и пренесува дел од владината изјава дека е „неутрализирана една од најопасните групи во регионот“. Потоа во текстот се вели: „Но, уште пред во понеделникот да се врати мирот во Куманово (...) многумина искажаа сомневање во владината верзија“. Македонија е понекогаш навистина немирен терен, се вели во „Зиддојче цајтунг“, а авторот Флоријан Хасел причините делумно ги бара и во тоа, дека „Албанците на Балканот живеат поделени во Албанија, Косово, Македонија и Србија. Подобро речено: мораат да живеат, оти големите сили по крвавите југословенски војни ја фиксираа непроменливоста на границите на Балканот. (...) Во 2001. НАТО и ЕУ се погрижија за албанските борци за ’Голема Албанија‘ да го положат оружјето и наместо тоа, формираа партија и учествуваа во власта“.
Авторот потоа се враќа на актуелните настани, поставувајќи го прашањето „Како можеше наводната терористичка група непречено и со тешко вооружување да влезе во Куманово? Македонија, порано демократски пример за углед на Балканот, откако од 2006. на власт е премиерот Никола Груевски, според оценката на многумина набљудувачи тоне во автократска псевдодемократија“.
Весникот вели дека прислушуваните разговори ги потврдиле многуте претпоставки за Груевски и компанијата и наведува некои од објавените содржини од снимките. Тоа што владата го стави во погон правосудството - против опозицијата, а не против себе - сепак не ја заплаши опозицијата, со недели има протести во Скопје, известува „Зиддојче цајтунг“ со најава и за големата демонстрација на 17. мај. „Од април македонските експерти предупредуваат дека владата, притисната со грбот до ѕид, би можела да организира инциденти, па дури и наводен албански терор, за да го одврати вниманието од скандалот. По крвопролевањето, градоначалникот на Куманово изјави дека жителите претходно виделе како низ градот се движат униформирани лица непопречени од полицијата“, известува, покрај другото, „Зиддојче цајтунг“.