1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Најлабилната земја во Европа пред нова војна“

Избор: Ж. Ацеска11 мај 2015

По настаните во Куманово, оживуваат стравовите за иднината на регионот. Србија е алармирана, улога игра и Русија, а ни ЕУ не е без одговорност, пишуваат весниците на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1FO9W
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Пропустите на ЕУ на Балканот се одмаздуваат. Со години во цела Европа се ламентира околу спречувањето на прераниот прием на земјите во ЕУ, како наводно Романија и Бугарија“, пишува „Зидвест пресе“ во коментарот на Норберт Мапес Нидик под наслов „Македонија: фаталните пропусти на ЕУ“.

„Македонија покажува што се случува кога се остава да изгладне земја со испружена рака. Без конкретна перспектива за влез во ЕУ, малите нации во Југоисточна Европа го губат компасот. Со секоја година оддалечување од приемот, про-Европејците го губат тлото под нозе, во преден план избиваат авторитарните лидери и криминалните олигарси. На крајот се наоѓаат хаос и граѓанска војна. Македониај е на нејзин раб.

Фаталниот развој за малата балканска земја почна пред точно седум години: на самитот на НАТО во Букурешт, кога Македонија всушност требаше да стане членка, грчката делегација неочекувано вложи вето. САД, како и големите европски држави, преминаа преку тоа со слегнување рамена. Таму инцидентот беше брзо заборавен. Не и во Скопје. Оној кој оттогаш во Македонија ќе изговореше ’Европа’ и побараше реформи образложени со прием во ЕУ, пожневаше цинична насмевка. Тие не не‘ сакаат, прокламираше владата, не грижејќи се за предупредувањата од Брисел, флертуваше со Путин и ја шиканираше опозицијата.

Инаку, Македонија е најдобар пример за тоа колку е благоденетно влијанието на изгледот за прием во ЕУ. Во 2001 година ЕУ, во екстремно тензична ситуација за земјата, од политички причини склучи со неа Договор за асоцијација и пресретна заканувачка граѓанска војна. 14 години подоцна, искуството е заборавено,“ констатира „Зидвест пресе“.

Mazedonien Polizisten bei Schießerei verletzt
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Ди велт“ настаните во Македонија исто така ги става во поширок надворешно-политички контекст. Авторот Борис Калноки во текстот со наслов „Најлабилната земја во Европа на прагот на нова војна“ пишува:

„Македонското раководство со месеци е под силен внатрешнополитички притисок, откако се чини тонските снимки покажуваат дека владата прислушувала новинари и опозиционери, вкупно 20.000 луѓе, што со недели предизвикува протести. Можно е албански активисти да го избираат овој момент на слабост, за преку нов конфликт да ја придвижат владата кон отстапки. Од другастрана, замисливо е и владата да решила да го искористи растечкото незадоволство (на Албанците од земјата и Косово) доведувајќи го до ескалација, за да го сврти вниманието од внатрешнополитичките тешкотии. Опозицијата најави продолжување на протестите се‘ до соборување на премиерот Никола Груевски.

Тоа веќе предизвикува високи надворешнополитички бранови. Руската влада го поддржува Груевски и ги осуди протестите против него. Министерството за надворешни работи во нив гледа обид за дестабилизација на Македонија од страна на западни кругови.

Косово и Албанија одржуваат блиски односи со САД и стремат кон што е можно побрза интеграција во ЕУ, додека пак Србија, некогашниот воен противник на Косово, исто како и Македонија, негуваат симпатии кон Москва.

Ако нема скоро политичко решение, безбедносни кругови во Приштина гледаат „голема опасност“ за македонската држава. Таа е најлабилната држава во Европа, без вистинска армија, со само два милиона население, но големо албанско малцинство кое настапува со барања. Бугарија словенските Македонци ги смета за Бугари, Министерството за надворешни работи од Софија веднаш побара „целосно разјаснување на настаните во Куманово“. #b

Србија ги смета Македонците за Срби и веќе во неделата стационираше војска на границата кон Македонија. Грција дури и името ’Македонија’ го смета за грчко, поради што земјата официјално можеше да биде примена во ОН само како ’Поранешна Југословенска Република Македонија“. Притоа, токму Албанците се тие кои, и без формални промени на границите, сепак сонуваат за фактичка Голема Албанија, во нејзин склоп и Косово и североисточна Македонија“, заклучува „Ди велт“.

Австриски „Стандард“ го пренесува расположението од Белград во текстот под наслов „Србија стравува од нестабилност во регионот“:

„Дали повторно почнува? Почна ли борбата за Голема Албанија? Дали е на ред Прешевската долина во јужна Србија, населена мнозински со Албанци? Овие прашања се наметнуваат во српските медиуми по вестите за „забарикадирани, тешко вооружени албански терористи“ и улични борби во само неколку километри од границата оддалеченото Куманово. За Србија ова е само едно де-жа-ву, се вели. Така почна и во Косово. Српскиот врв реагираше итно со испраќање дополнителни трупи на македонската граница...

Во Белград кризата во Македонија се гледа поврзано со големоалбанската идеја. Неодамна албанскиот премиер Еди Рама предизвика возбуди во Србија со изјавата дека ’Албанија и Косово ќе бидат принудени да се обединат на класичен начин’, ако премногу се чека на нивното спојување во рамки на ЕУ. Дијалогот меѓу Белград и Приштина, воден под покровителство на ЕУ, повторно е закочен. Белград, колку и како што може, ја блокира независноста на Косово. Во регион со непреработена историја, каде невработеноста изнесува меѓу 30 и 90 проценти, создадени се сите претпоставки за екстремизам“, заклучува авторот Андреј Ивањи, дописник на „Стандард“ од Белград.