Мадуро оствари изборна победа
21 мај 2018Во од криза потресената Венецуела, актуелниот шеф на државата, социјалистот Николас Мадуро извојува убедлива победа на претседателските избори. Мадуро на гласањето освоил 5,8 милиони гласови, изјави Изборната комисија во Каракас. Тоа одговара на удел од околу 68 проценти од гласовите. Најсилниот конкурент на Мадуро, Анри Фалкон, освои само 1.8 милиони гласови.
Излезноста на претседателските избори, според податоците на Изборната комисија, изнесувала нешто над 46 проценти. Кратко пред тоа, беше кажано дека изнесува околу 32 проценти. Опозицијата дури зборуваше и за излезност помала од 30 отсто. На претходните избори одзивот на гласачите беше околу 80 проценти. Овојпат меѓутоа, голем дел од опозициските партии повикаа на бојкот на гласањето.
Повеќе:
-Демонтажа на демократијата во Венецуела
-Венецуела чекори кон диктатура
-„Петро“ треба да ја спасува Венецуела од банкрот
„Победа на народот“?
Мадуро во првата реакција на изборните резултати говореше за „победа на народот“. Мирот и демократијата триумфираа на овој историски ден за татковината, напиша тој на социјалната мрежа Твитер. Луѓето треба заеднички да го прослават овој нов почеток, кој ја води државата кон просперитет, порача Мадуро.
Фалкон, пак, рече дека не ги прифаќа претседателските избори поради бројни неправилности. „За нас немаше избори“, рече Фалкон. Тој ја обвини владата за притисок врз гласачите и за купување гласови. Во исто време Фалкон повика на повторување на гласањето во оваа латиноамериканска земја. Само на тој начин може да се најде одговор за Венецуелците, кои страдаат од глад и болести.
Најважната опозициска алијанса МУД уште пред изборите обвини за изборна измама и го бојкотираше гласањето. Неколку земји од Латинска Америка, САД и Европската унија, исто така, порачаа дека нема да ги признаат изборните резултати. .
Венецуела во моментов се наоѓа во најлошата криза во својата историја. Поради недостатокот на девизи, најбогатата со нафта земја во светот речиси и не може да увезе храна и лекови. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува дека во тековнава година венецуелската економија да забележи пад од уште 15 проценти.