1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому е потребна ревизија на тужбата?

Драган Максимовиќ
10 март 2017

Одлуката на Судот во Хаг е само уште една во низата со која ќе манипулира некоја од страните во БиХ, со цел да ги исполни своите политички цели.

https://p.dw.com/p/2YwzM
Internationaler Gerichtshof in Den Haag
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Доколку навистина се испостави дека Меѓународниот суд на правдата во Хаг уште во мај лани го известил Сакиб Софтиќ дека не го смета за агент на БиХ, се поставува оправдано прашање- зошто на овој начин сепак се извршило покренување постапка за ревизија на тужбата на БиХ против Србија. Судот, наводно, го известил Софтиќ дека е неопходно ново именување во оваа постапка откако тој барал одговор- дали е сѐуште важечко неговото именување од 2012. година.

Завера или логична одлука?

Токму оваа информација, која стигна синоќа од претседателот на Меѓународниот суд, Рони Абрахам, а која ја пренесуваат медиумите, го отвора прашањето за оправданоста на покренување постапка без согласност на сите страни во БиХ, односно членовите на Претседателството на БиХ. Во вакви односи, сметаат аналитичарите, на оние кои ја почнаа целата приказна им преостанало единствено да го обвинат Судот за работа во функција на политиката.

„По отфрлувањето на барањето за ревизија господинот Бакир Изетбеговиќ е принуден на реторички план, со различни политички стратегии, да го обвини Меѓународниот суд за изневерување на правдата и за некој вид геополитичка завера против Бошњаците, разгорувајќи го натамошно сопствениот национализам“, вели професорот на Филозофскиот факултет во Сараево, Енвер Казаз, наведувајќи дека и политичката олигархија од Република Српска ќе продолжи да биде портпарол на некогашната политика од Србија, бранејќи ја на сите полиња.

Изетбеговиќ би бил „виновник“ во обата случаи

Развојот на настаните и одлуката на Судот говорат токму во прилог на фактот дека Претседателството на БиХ би требало да има заеднички став по ова прашање, па и во врска со именувањето агент пред Меѓународниот суд . Иако тоа го немало, Изетбеговиќ во консултација со претставници на други бошњачки партии, но и семејствата на жртвите, донесол одлука сепак да се оди во процес на ревизија. Аналитичарите сметаат оти и нему му бил познат исходот, но немал избор, со оглед што биле можни само две сценарија. Во првото, при кое тој не би покренал ревизија, би станал одговорен кон жртвите и би загубил политички поени, а во второто, актуелното, е обвинет за нереагирање на вистински начин и за непотребно чекање од десет години за покренување на ревизијата. 

Изетбеговиќ и Софтиќ се соочуваат и со кривична пријава против нив од НДП, член на Сојузот за промени, во коалиција со СДА на државно ниво. Пријавата ќе биде поднесена до Обвинителството на БиХ поради лажно претставување, поттикнување на лажно претставување, како и узурпација на уставните овластувања.

Bakir Izetbegović bosniakischer Vertreter im dreiköpfigen Staatspräsidium
Бакир ИзетбеговиќФотографија: picture-alliance/dpa

Преиспитување на учеството во коалицијата

„Адвокатите подготвија комплетна тужба и останува само да се утврдат потписниците. В понеделник ќе ја предадеме во Обвинителството на БиХ“, вели лидерот на НДП, Драган Чавиќ, повикувајќи ги претставниците на Сојузот за промени да ги преиспитаат односите во самата коалиција со лидерот на СДА, Бекир Изетбеговиќ и да создадат нови услови за нејзино функционирање.

Од другастрана, семејствата на жртвите бараат одговорност, првенствено од членовите на Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ и Драган Чавиќ, кој не сакал да го поддржи барањето за ревизија. Исто така бараат одговорност и од Бакир Изетбеговиќ, со оглед што „целиот процес не е подготвен како што треба“, како и поради тоа што се чекало десет години, без оглед на постоењето основи за порано покренување ревизија.

Во секој случај, политичките аспекти на целиот случај допрва ќе бидат анализирани, а секој тоа ќе го прави на свој начин и согласно своите потреби, тврдат аналитичарите.

Одлука важна за сите

„Сепак, мислам оти одлуката на Судот е многу добра, зашто, испрати порака за важноста на институциите во земјата, за важноста на постоење единствена одлука. Ова е изненадување за сите, и за Бошњаците и за Србите, само од различни агли. Судот на правдата мораше да се држи до правните принципи за да не ја отвори Пандорината кутија на бројни страни во светот. БиХ, под дејство на меѓународното право, сега стана и конечноДејтонска држава. Ова е точка на превирањата долги 20 години, кога се бараше нешто со заобиколување на институциите на системот. Ова е битно и за европскиот пат на БиХ и политичарите од сите страни треба да извлечат поука,“, вели директорот на Центарот за меѓународни односи од Бањалука, Милош Шолаја. 

Нема најави за повлекување нови потези во врска со ревизијата на тужбата, иако сега се појави информација дека следниот чекор би можел да биде поднесување тужба пред правосудните институции во Србија, за што нема потврда, иако семејствата на жртвите велат дека нема да се откажат од овој процес. Дали тоа ќе биде „добра приказна“ за собирање некои нови политички поени, или ќе се бара некоја друга, зашто тоа се процеси на кои почива целата политика во БиХ, сметаат аналитичарите. 

Ќе има уште кризи

„Јасно е дека реториката во иднина ќе биде во функција на барање излез од вонинституционалното дејствување и кризата на власта. Но, постојат милион причини за нови кризи и нови политички судири. Која од нив ќе ги привлече Додик и Изетбеговиќ, зависи од констелацијата на околностите. По кризата со референдумот, па ревизијата, нѐ очекува најверојатно криза на механизмите за координација, а потоа уставна криза покрената од Драган Чавиќ. Ние научивме да живееме со кризи кои ги одржуваат националистите на власт“, заклучува Казаз.