1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инсценација на моќ: Вучиќ точно знае што прави

Драгослав Дедовиќ
19 април 2019

За него гласаат сиромашните слоеви без високо образование. Против него протестираат образованите граѓани. Српскиот претседател Вучиќ за денеска во Белград најави „најголем собир на луѓе во изминатите 50 години“.

https://p.dw.com/p/3H1qS
Serbien Präsident Aleksandar Vucic auf einer Pressekonferenz in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Miskov

Српскиот претседател Александар Вучиќ сака на сите да им одржи лекција. Вели дека денеска во Белград ќе има „15 пати повеќе луѓе на улица отколку кај опозицијата". За споредба ги зема демонстрациите од 13 април во Белград. Неговиот собир пак, треба да биде најголемиот што Белград го видел во изминатите 50 години. „130.000 луѓе“ е неговата јавна „прогноза".

Кои се негови поддржувачи?

Партиската база на владејачката Српска напредна партија е мобилизирана уште од повеќемесечната турнеја на Претседателот под мотото „Иднината на Србија“, која се одржува во многу градови во земјата. Кои се луѓето кои некритички го следат Претседателот и му обезбедуваат апсолутно мнозинство? „Имаат најмалку 45 години, и се со средно или основно образование и живеат во сиромашните делови на југот и истокот на Србија, како и на перифериите на градовите", вели за ДВ Зоран Гавриловиќ, раководител на Бирото за општествени истражувања (БИРОДИ).

Вучиќ во Белград ќе го повтори тоа што пред своите поддржувачи во српската провинција го има кажано повеќепати: опозицијата е составена од тајкуни, фашисти и насилници. Тој, како што тврди, ја застапува пристојната Србија. Вучиќ ништо нема да му препушти на случајот, исто како и при посетата на Владимир Путин на 17 јануари. Колони со автобуси во петок ќе тргнат од српските провинциски градови и регионалните центри во правец на Белград. Истите транспортни можности неколку компании одбија да ги овозможат на организаторите на протестите од опозицијата изминатата сабота. Мораше да се удоволи на големите клиенти, на оние што се на власт. Дури и некоку редовни автобуски линии кон Белград истиот ден беа откажани.

За време на состанок со партискиот врв во Белград која минатиот вторник беше пренесуван во живо од страна на телевизијата Пинк, Вучиќ не остави простор за дилема кој ја контролира ситуацијата. Тој ја предупреди опозицијата дека секое попречување на граѓаните кои во петок сакаат да дојдат во Белград, ќе биде санкционирано. Пред собирот на партиски функциониери Вучиќ се покажа во борбено расположение и како и секогаш, безобѕирен. Како и во изминатите месеци, тој на опозициските демонстранти им префрли дека се поврзани со косовските политичари во Приштина. Непријателите на Србија сакале да ја загрозат нејзината стабилност.

Надворешнополитички пораки?

Во врска со претстојната средба на политичарите од Западен Балкан под водство на Ангела Меркел и Емануел Макрон во Берлин, тој изјави: „Таму ништо добро не нѐ чека". Вели дека очекува притисок за Србија да го признае Косово. „Ќе ги поддржуваат и домашните елементи за да дојдат побрзо до својата цел". Со „тие" се мисли на Западот, а „елементи“ се опозицијата и граѓаните кои демонстрираат. Со таквата „приказна за Косово" српскиот претседател своите политички противници секогаш ги позиционира близу до предавство на татковината.

Serbien Staatsbesuch Putin
Вучиќ, исто како и при посетата на Владимир Путин на 17 јануари, ништо нема да му препушти на случајотФотографија: picture-alliance/TASS/M. Metzel

Тоа е генерална проба за она што во петок ќе се зборува и ќе се слуша. Храбриот претседател своите борбени вештини ги покажува синхронизирано кон повеќе противници истовремено: поранешните воени непријатели од Приштина, западните политичари кои бараат признавање на Косово и опозициските фашисти финансирани од тајкуни. За тоа ќе го велича насобраната толпа.

Повеќе: 

Тензии во Белград

Србија - војна на нерви меѓу власта и опозицијата

Српските граѓани не веруваат ни во власта ни во опозицијата

Една акција на млади српски партиски функционери од северно Косово, е медиумски е инсценирана. 27 косовски Срби ќе одат повеќе стотици километри пеш до Белград за да ја покажат верноста на тамошното српско население кон претседателот Вучиќ и државата Србија. За големиот собир денеска Вучиќ им вети почесни места во негова близина.

Впечатливите изјави на Вучиќ наидуваат на добар прием кај базата. Неговите гласачи главно се информираат преку јавниот сервис РТС и приватната телевизија Пинк. Апсолутната потчинетост на Претседателот се подразбира во вестите на двете телевизии. Во Пинк, телевизија ориентирана кон трачеви, се во постојан ангажман провладини „аналитичари”. Камерите на телевизијата во чекор го следат српскиот државен врв. „Постојаните гледачи на лојалните телевизии, особено на Пинк, се гласачите на Вучиќ. Постои статистичка поврзаност помеѓу гледачите на Пинк и гласањето за владејачката партија", ги сумира социологот Гавриловиќ резултатите од повеќе емпириски истражувања.

Serbien - Demonstrantion gegen den serbischen Präsidenten Aleksandar Vucic und seine Regierung
Против Александар Вучиќ се протестира од крајот на минатата годинаФотографија: Reuters/M. Djurica

Кој е против?

Од декември минатата година во Србија има протести на граѓани против претседателот Вучиќ. Му префрлаат ограничување на медиумските слободи и антидемократско владеење. Минатата недела илјадници луѓе бараа оставка на Претседателот, слободни медиуми и услови за фер избори. Колку учесници имаше собирот?

Вучиќ вели: 7500. Еден од опозициските политичари рече 100 илјади. Проценката на весникот „Шпигел“ е конзервативна: 10 илјади. Руските и американските медиуми зборуваат за 50 илјади учесници. Во секој случај, пред парламентот имаше повеќе луѓе отколку што ѝ беше мило на владата и помалку отколку што сакаше опозицијата.

Социологот Слободан Цвејиќ во истражување откри дека образованите слоеви, кои комуницираат и прибираат информации преку интернет, излегуваат на улични протести од загриженост за демократијата во Србија. „Учесниците на протестите се урбани и високо образовани", констатира тој.

Со едвај скриена ароганција против ваквите собири Вучиќ во име на своите гласачи ѝ се одмаздува на образованата буржоазија против маргинализација на осиромашените класи. За многумина воведувањето на дивиот капитализам во новиот милениум е подлабока траума отколку настаните од крвавите и воени деведесетти.

serbischer Politiker Aleksandar Vucic
Поддржувачите на Вучиќ се граѓани со средно или основно образование, кои живеат во сиромашните делови на југот и истокот на Србија, како и на перифериите на градовите, вели ГавриловиќФотографија: picture-alliance/dpa

Во Србија ништо ново

Вучиќ со своите „верни поддржувачи“, како што Зоран Гавриловиќ ги опишува неговите избирачи и трајни конзументи на неговите пораки,денеска повторно ќе комуницира во живо и преку преносот во живо ќе постигне уште поголема гледаност и посилно влијание во земјата. 

Ваков тип на демонстрација на моќ, и покрај големите фанфари која јасно ја илустрираат медиумската доминација на Вучиќ, не е ништо ново. И автократот Милошевиќ во свое време на сите кризи одговараше со таканаречени „средби“ – со масовни паради на поддржувачи на отворени простори. И тогаш државните компании и транспортни претпријатија беа повикани да дадат придонес. Почитта кон врвот беше еден вид работна обврска. И покрај сите слогани за иднината, тоа покажува дека Вучиќ е духовно длабоко вкоренет во радикалните деведесетти, кога беше министер за информации и коалициски партнер на владата водена од социјалистите на Милошевиќ.

Вучиќ не може да си го смени карактерот, тој ја навредува опозицијата, одбива да разговара со нив, а истовремено ги повикува Србите на единство и дијалог. Но, тој точно знае што прави. Тој го следи примерот на Орбан, Трамп, Ердоган и Путин.