Тензии во Белград
12 април 2019Таблоидите блиски до српската влада се натпреваруваат со „борбени“ наслови: „Дивјаците сакаат граѓанска војна“. Министерството за одбрана објави дека во никој случај нема да поддржи насилно уривање на легитимната влада. Ова не е ништо ново. Во овие седум години, колку што е на власт Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) во Србија, во многу провладини медиуми повеќепати беа најавени пучеви и војни. Со сеење ваков страв претседателот Вучиќ, кој покажува тенденција кон авторитарно владеење, ги држи под контрола луѓето од своите редови и ги демонизира политичките противници. Слична е ситуацијата и сега, во предвечерјето на големиот протест на граѓаните и опозицијата оваа сабота. „Да бевме нормална држава, јавното обвинителство веќе требаше да реагира, бидејќи ова е чисто предизвикување паника“, смета лидерот на опозицијата Драган Ѓилас.
Нервоза кај државниот врв
Од 2012 година Александар Вучиќ, без разлика дали на премиерска или претседателска функција, е апсолутен алфа мажјак на српската политичка сцена. Во ерата на Милошевиќ, беше радикално шовинистички министер за информатичко општество. Во меѓувреме тој стана промотор на идејата за членство на земјата во ЕУ. Неговата партија владее со комфорно мнозинство и контролира голем дел од медиумите.
Без партиска книшка тешко можеш да добиеш нешто во Србија. Млади образовани деца масовно ја напуштаат земјата. Сликата која ја пласираат провладините медиуми екстремно се разликува од српската реалност. Вербални, а во некој случај и физички напади против неистомислениците, неможноста да се делува против самоволието, големата корупција и ароганцијата на власта предизвикуваат револт кај сѐ повеќе граѓани. Од осми декември досега еднаш неделно се одржуваат големи протести во над 100 српски градови.
Инсценирање и клевети
Инсценираната посета на Владимир Путин на 17 јануари 2019-та, како и серија политички митинзи низ Србија, на кои Вучиќ со своите партиски поддржувачи го славеше успехот на својата политика, имаа за цел да го минимизираат значењето на протестите. Но, есапот не излегува. Опозициските политичари се чувствуваат толку маргинализирани на вестите на државната телевизија РТС, што дел од демонстрантите упаднаа во зградата на телевизијата во знак на протест. Тие беа избркани со интервенција на полицијата. Владата ова го окарактеризира како насилство против слободата на медиумите.
Раководителот на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Белград, Макс Брендле заклучува: „Јавноста ќе биде наклонета кон онаа страна која поверодостојно ќе се прикаже како жртва: преку угнетување и полициско насилство, или преку насилни, деструктивни демонстранти. Вучиќ е во предност поради контролата врз медиумите.“
Повеќе:
Српските граѓани не веруваат ни во власта ни во опозицијата
Србија: Актерите кои му одбројуваат на Вучиќ
Средната класа контра естаблишментот
Заедно со српскиот истражувачки институт СеКонС, фондацијата „Фридрих Еберт“ спроведе репрезентативна анкета меѓу демонстрантите. Макс Брендле ги сумира резултатите: „Протестира широк појас од претежно млади и натпросечно школувани лица од средната класа на Србија која не е партиски врзана. Медиумски слободи, демократија и промена на власта се нивните лајтмотиви". Брендле додава дека, во споредба со други ситуации, претседателот Вучиќ реагира нервозно на долготрајните протести. „Вучиќ забележливо го заострува тонот. Неодамна рече дека во Белград делуваат фашисти и насилници кои дури и нему лично му го загрозуваат животот.“
Дел од поделената опозиција минатата есен се здружи во Сојуз за Србија. Покрај либерални политичари кои произлегоа од поранешната владеачка Демократска партија како на пример поранешниот градоначалник на Белград, Драган Ѓилас, во сојузот се и помали националистички партии. „Дали на Сојузот за Србија ќе му успее да ја претвори динамиката на протестите во политички капитал и кој притоа ќе преземе водство, Ѓилас или Обрадовиќ и неговата деснорадикална Двери, засега е отворено прашање", нагласува Макс Брендле.
Истражувањето јасно покажува дека големото мнозинство демонстранти е од политичкиот центар. Симпатизерите на Двери пак, со само четири проценти, се маргинално застапени.
Повеќе или помалку слобода?
Еден од демонстрантите од самиот почеток е и 56-годишниот телевизиски продуцент Владимир Милиќ. За своето ангажирање наведува две причини: „Прво, од професионални причини сакам непосредно да ги доживеам протестите. Второ, сакам да викам заедно со другите граѓани, бидејќи вака како што стојат нештата, не чинат.“ Според него, протестите досега придонесле за масовно ослободување од стравот: „Луѓето преку протестите дознаваат дека не се сами со својот критички став и дека се слободни.“
Годишниот извештај за 2019 година на меѓународната невладина организација „Фридом Хаус“ констатира уназадување на Србија во поглед на слободите – земјата веќе не е рангирана како „слободна", туку како „делумно слободна". Премиерката Ана Брнабиќ во февруари ја стави под прашање објективноста на извештајот: „Не чувствувам дека ние живееме само во делумно слободна земја, туку во послободна отколку пред неколку години.“
Шанса и опасност
„Целата атмосфера во општеството е опасна и политички неодговорна. Ако одговорот на властите биде како и досега, протестите ќе добијат нов поттик. Колку е поголема дискрепанцата помеѓу реалноста и пропагандата, толку е поголема тензијата која може да прерасне во опасно насилство кое, се надевам, никој не го посакува", вели Милиќ.
Макс Брендле во мирните протести препознава демократски потенцијал: „Со оглед на жалното девалвирање на демократските институции во изминатите години, протестите се знак на живот за демократската култура во Србија.”
Владимир Милиќ нагласува и друг аспект: „Ми се чини дека граѓаните во Србија ги бранат оние вредности од кои ЕУ, барем во случајот на Србија, се откажа". Претседателот Вучиќ веќе најави голем собир на своите приврзаници на 19 април во Белград - „најголемиот во изминатите 40 до 50 години". Тој ќе покажел дека неговите поддржувачи се побројни.