1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името и реформи, порачува Брисел

10 септември 2010

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Брисел(10.09.2010) имаше средба со претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој. На сите средби вчера и денеска му беше порачано - името и реформите се клуч за влез во ЕУ.

https://p.dw.com/p/P8ng
Повторени условите за преговори

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја заврши посетата на Брисел. На средбата со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпој, исто како и на останатите средби, главна тема беше спорот со името и неопходноста тој да се реши што побрзо.

„ЕУ прави големи напори за да се дојде до решение за спорот со името. Но, сега е вистинскиот момент кога двете земји треба да разговараат и да најдат решение кое е прифатливо за двете страни“, изјави претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпој по средбата.

Тој рече дека влезот на Македонија во ЕУ е многу важен чекор за земјата. Вложувањето на големи напори за имплементација на сите реформи за влез во ЕУ, како што рече Ван Ромпој, ќе значи добивање позитивен извештај за Македонија од страна на Европската комисија во ноември.

EU Herman Van Rompuy Brüssel Griechenland Finanzkrise
Херман ван Ромпој, претседател на Советот на ЕУФотографија: AP

Тој потсети дека оствари средби со сите лидери од регионот и изрази верување дека проширувањето на ЕУ ќе почне токму од регионот.

Иванов во Брисел рече дека од голема важност, не само за македонските граѓани, туку и за целиот регион, е доколку Европскиот совет донесе одлука за добивање датум за преговори, токму за време на белгиското претседателство.

„Претседателот Ромпој го информирав за сите акции кои Македонија ги презема за да ја надмине пречката со Грција и се надевам дека наскоро таа ќе биде зад нас“, рече Иванов.

Утрото, македонскиот претседател се сретна со спикерот на белгискиот претставнички дом, Андре Флао од кого слушна исто така дека проблемот со Грција треба да се реши за да можат да почнат преговорите за членство со Унијата.

„Белгија ги поддржува сите иницијативи на ОН за изнаоѓање на решение за сите проблеми на мирен начин и што поскоро. Белгија секогаш поддржува мирни решенија секаде во светот и во Европа.“

На наредната страница: Без нови пораки

Двете главни средби во Брисел за македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера поминаа без нови пораки – и претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо и еврокомесарот за проширување Штефан Филе повторија-името, исто како и реформите, треба да се решат во искрен европски дух, нешто што се‘уште и‘ недостига на Македонија.

„Европскиот дух подразбира компромис, наместо да се повторува 'не, не, не', да се слушне позицијата на другата страна, никој нема да биде сто проценти среќен, но тоа е европскиот дух“, изјави Барозо.

Македонскиот претседател Иванов, сепак, не отстапи од префрлањето на одговорноста за пропуштени шанси за ЕУ од минатото врз опозицијата.

„Од минатото можеме само да учиме, а не да го повторуваме. Тој што бил одговорен за тоа знае што се случувало и што било понудувано, времето ќе покаже што било пропуштено.“

Der mazedonische Präsidentschaftskandidat Gorgi Ivanov Foto: Petr Stojanovsky f. DW undatiert
Македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Иако ваквото прашање му беше поставено токму како пример за тоа дека взаемните обвинувања не водат кон подобрување на политичкиот дијалог, очигледно беше вчера во Брисел дека на Македонија се уште не и‘ оди од рака европскиот начин на функционирање.

Претседателот на ЕК Баросо повика на решавање на спорот за името сега, бидејќи, како што рече, сега добил подобри сигнали од било кога порано.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов на крајот на денот се сретна и со еврокомесарот Штефан Филе на исклучително долга средба, слична како и македонскиот премиер Никола Груевски во јули.

Дали Филе милува да одржува невообичаено долги состаноци или само со македонските претставници има повеќе работа? Од неговиот кабинет ни‘ рекоа дека темите на разговор биле пред се‘ реформите во земјата, но и прашањето за името.

Европската комисија даде препорака за преговори, која Советот треба да ја одобри, но тоа нема да го стори без компромис за името.

Автор: Тања Милевска / макфакс

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема