1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел: Топката е во рацете на Македонија?

9 септември 2010

На својата прва официјална посета на Брисел без премиерот (09 и 10.09.2010), македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов ќе биде испрашуван пред се‘ за спорот со името. Топката е во рацете на Македонија, ќе му биде кажано.

https://p.dw.com/p/P6f3
Фотографија: Petr Stojanovski

Претседателот Ѓорѓе Иванов го чекаат два напорни дена средби со речиси сите најважни политички европски личности во Брисел: претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо, еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, претседателот на Унијата, Херман Ван Ромпој.

Одамна ниеден македонски политичар не бил примен на толку високи нивоа. Причината е едноставна – Брисел од Иванов очекува да слушне дека во спорот со Грција има пресврт и дека решението е на дофат на рака.

Македонија се доживува како помалку конструктивна

Европратеникот Јелко Кацин за Дојче веле објаснува дека Грција ја докажала својата подготвеност за визионерски политички чекори и компромиси.

Jelko Kacin
Јелко КацинФотографија: Europäisches Parlament

„Грција во последните неколку месеци покажа и докажа дека е подготовена на големи компромиси и големи промени. Што се однесува до нејзините финансиски проблеми, покажа дека е во состојба и покрај противењето на јавноста да го постигне невозможното. Затоа сме длабоко убедени дека сега е моментот кој Македонија може да го искористи, но и таа ќе треба да ја покаже својата подготвеност.“

Македонија е повторно страна која се доживува како помалку конструктивна.

Австрискиот европратеник, Ханес Свобода ја потсетува македонската јавност дека она што е важно е што името Македонија ќе остане и покрај географската одредница.

„Мислам дека Македонија треба да знае оти луѓето секогаш ќе и‘ се обраќаат со Македонија, дури и кога ќе има ново име. Но официјалното име мора да содржи придавка која ќе ја разликува.“

Hannes Swoboda
Ханес СвободаФотографија: Europäisches Parlament

Поактивна медијаторска улога на ЕУ

Дали Иванов доаѓа да ги израдува своите европски соговорници дека грчката блокада конечно ќе се крене, ќе се знае утре.

Кацин додава дека ЕУ мора да преземе поактивна медијаторска улога во овој спор, инаку тапкањето во место ќе продолжи.

“Главната порака која прозилегува од досегашниот процес е дека во рамките на ОН тешко ќе се најде решение. Ова е европски проблем кој засега две земји во Европа, едната членка, другата кандидатка, затоа е обврска на ЕУ да преземе поактивна улога“.

Се разбира, Иванов ќе треба да даде отчет и за реформите. Партизираната јавна администрација, неефикасното судство, лошата економија, преголемата невработеност се точките кои го загрижуваат Брисел и за кои од владата и од претседателот се бара удвојување на напорите.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска