1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници бегалци стигнаа во Германија - што сега?

ЕМФ/дпа/ард6 септември 2015

Најмалку 8000 бегалци од Унгарија вчера стигнаа во Германија, а денеска се очекуваат нови полни возови.На железничките станици во земјата доброволци им посакуваат добредојде на бегалците и ги снабдуваат со најнеопходното

https://p.dw.com/p/1GRmU
Фотографија: Getty Images/A. Beier

Од железничката станица во Минхен, бегалците со возови и автобуси се префрлаат во другите градови ширум Германија. Само во текот на вчерашниот ден од Унгарија пристигнаа 8000 бегалци. Тоа, како што нагласи канцеларката Ангела Меркел, која даде дозвола за влез, е исклучок. Имено, Унгарија во петокот вечерта изненадувачки одлучи со автобуси да ги превезе бегалците кои со недели чекаа на железничката станица во Будимпешта. Тие беа однесени на границата со Австрија. Владите во Виена и Берлин потоа искажаа подготвеност да дадат дозвола за влез на бегалците. Одлуката, како што се вели, е донесена поради состојбата која била итна. Тоа нема да се повторува секојдневно, се вели од Берлин. Канцеларката Меркел поради таквата одлука е жестко критикувана од едниот коалиционен партнер - ЦСУ, но доби пофалби од другиот партнер во коалицијата - СПД.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман критикува дека ваквата одлука не била договорена со покраините. Таа е „сосема погрешен сигнал во Европа“, кој мора да се корегира, изјави политичарот од ЦСУ. Весникот „Билд ам Зонтаг“ пишува дека претседателството на ЦСУ имало телефонска конференција, на која едногласно било заклучено дека од страна на сојузот е донесена „погрешна одлука“. Генералниот секретар на ЦСУ Андреас Шојер ја потврди ваквата информација.

Deutschland Flüchtlinge Bahnhof München
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Dieckmann

Од СПД пак доаѓа поддршка за канцеларката. Генералниот секретар на СПД Јасмин Фахими за „Билд ам Зонтаг“ рече дека одлуката на сојузната влада во „ваква вонредна хуманитарна ситуација“ била „единствената вистинска“. „Ние мора да дадеме силен сигнал на човечност за да покажеме дека европските вредности важат и во тешки времиња“, изјави Фахими.

Како натаму ќе се одвиваат работите е нејасно. Покраината Баварија не исклучува дека е можно и во текот на денешниот ден во Минхен да пристигнат илјадници бегалци. Вечерва во Берлин треба да се одржи средба на врвот на владејачките партии, на која ќе се бараат издржани решенија во политиката на азил.