1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Поздрави ја Меркел, жената која им помага на бегалците

Ден Хиршфелд / Е.М. Фиданоска5 септември 2015

Се плашат, не им веруваат на властите и се надеваат на сигурен живот некаде во Европа. Бегалците во Унгарија сакаат само да се тргнат оттука.

https://p.dw.com/p/1GRbK
Фотографија: DW/A. Martin/N.S. Marton

„Одиме натаму! Се’ додека не паднеме“, вели Мустафа. Тој има 24 години, доаѓа од Сирија и со себе ја носи бремената девојка. Двајцата зад себе веќе имаат 25 километри кои ги изоделе пеш од станицата Келети во Будимпешта до една бензинска станица на автопатот во насока на австриската граница. До таму имаат уште 200 километри. Мустафа и девојката не се сами. Од центарот на Будимпешта вчера попладне тргнаа повеќе од 300 бегалци. Претходно, голем дел од нив со денови чекале во т.н. транзитна зона на железничката станица. На тврд камен под. Одвај кој имал душеци или ќебиња.

Полицијата таму минува во патрола, но ниту еден од полицајците нема намера да помогне, велат бегалците. Мустафа слушнал за возот со кој повеќе стотици луѓе сакале да патуваат во насока на Австрија, а оттаму за Германија. Тој воз беше запрен од унгарската полиција. На отворено! Луѓето со часови беа во возот без храна, вода и без каква било информација за тоа што следува.

Мустафа и неговата девојка не сакаат во никој случај да останат во Унгарија и тука да побараат азил. Тој само одмавнува негативно со главата. На властите овде веќе не им верува никој. Затоа Сириецот и ја одбива понудата на Црвениот крст да преноќи на станицата. Продолжува натаму.

Ungarn Flüchtlinge haben sich zu Fuß zur Grenze zu Österreich aufgemacht
Црвениот крст се обидува да им помогне на луѓетоФотографија: DW/D. Hirschfeld

Недовербата кон унгарските власти е голема и кај луѓето во транзитната зона на железничката станица Келети во Будимпешта. „Јас сум човек!“ има напишано една жена на англиски јазик на картон. Таа раскажува дека унгарските полицајци им викаат на бегалците на јазик кој не го разбираат. Им се делат летоци со информации од властите, но напишани на унгарски јазик.

Жената вели дека гладот и жедта може да се истрпат. Она што е најлошо е неизвесноста. Не знае дали и кога ќе замине оттука во земјата на нејзините соништа - Германија. Трча по мене, репортерот од Германија и ми вели да ја поздравам госпоѓа Меркел, жената од телевизија која сака да им помогне на бегалците. Потоа се враќа кај својата малечка ќеркиќка која седи на едно ќебе и црта.