1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Македонија никогаш не се откажа од двојната формула

23 септември 2009

Македонија во спорот околу името во иднина нема да разговара за теми надвор од Резолуцијата 817 на ОН, а тоа се промена на уставното име, нови називи за јазикот и нацијата, изјави во Њујорк македонскиот претседател.

https://p.dw.com/p/JmqK
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Само еден час откако лидерите на грчката владејачка конзервативна партија Нова демократија и на опозициското Сегрчко социјалистичко движење (ПАСОК), Костас Караманлис и Јоргос Папандреу на телевизиски дуел едногласно ја цементираа државната грчката позиција за едно име за соседот за севкупна употреба, претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов во Њујорк ја реафирмираше двојната формула како позиција од која Македонија никогаш не отстапила.

Иванов истовремено потсети на подзаборавената формална рамка - Резолуцијата 817 и најави дека земјата во иднина нема да разговара за теми кои не се покриени со неа- за промена на уставното име, нови називи за јазикот, нацијата, државјанството, туку само за замена за времената референца-ФИРОМ. Со ваквата изјава претседателот Иванов практично ги прогласи за неважечки сите преговарачки рунди, во кои посредникот од ОН, Метју Нимиц предлагаше, а македонската страна формално разговораше, за начинот на кој јазикот и националноста треба да бидат впишани во графите на ОН или за македонското малцинство во Грција.

“ Македонија никогаш не ја напуштила двојната формула, само имало интерпретации на таа формула, секогаш сме кажувале дека ние разговараме во рамките на Резолуцијата 817 на Советот на безбедност од 1993 година. Кај нас во Македонија некои создавале претстави дека ние го поддржуваме грчкиот став за едно име за севкупна употреба. Македонија никогаш немала таков став,“изјави Иванов.

Der mazedonische Präsidentschaftskandidat Gorgi Ivanov Foto: Petr Stojanovsky f. DW undatiert
Иванов: преговори само во рамките на Резолуцијата на ОНФотографија: Petr Stojanovski

Одржани и планирани повеќе средби

По вчерашните разговори со шефот на НАТО, Андрес Фог Расмусен и премиерот на Холандија, Јан Петер Балкененде, претседателот Иванов учествуваше на Клинтон-иницијативата. Дваесетина минути траеле неформалните разговори на Клинтон со македонскиот претседател Иванов и неговиот претходник, Бранко Црвенковски, кој исто така присуствува на светскитиот форум, организиран од последниот американски претседател кој ја посетил Македонија. За денеска е планирана и средбата со заменикот државен секратар на САД, Џејсм Стајнберг, со кого ќе се разговара за отворените прашања во регионот, за спорот со името, но и за начините на кои подлабоко може да профункционира договорот за стратешка соработка со САД, потпишан во мај минатата година.

Автор: Горан Момировски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема