Иванов и Фрчкоски во вториот круг избори
23 март 2009Ѓорге Иванов и Љубомир Фрчкоски влегуваат во вториот круг на претседателските избори што ќе се одржи на 5 април. По пребројувањето на 40 проценти од гласовите, Државната изборна комисија соопшти дека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ освоил 37,37 отсто од гласовите а кандидатот на СДСМ и НСДП 19,74 проценти. Што се однесува до локалните избори ВМРОДПМНЕ во првиот круг прогласи победа во 23 општини, СДСМ во четири, ДУИ во осум. Oстанатите општини ќе добијат градоначалник во вториот круг. Шефот на ДИК, Александар Новаковски, изјави дека со оглед на тоа што во еден ден се одржуваа два избори, ова е еден од најтешките изборни процеси, одржани во Македонија. „Тие поминаа без ниту еден инцидент“, потенцира Новаковски.
Совпаѓање меѓу ДИК и МОСТ
Податоците на ДИК во голема мера се совпаѓаат со резултатите на невладината МОСТ. Дарко Алексов од оваа граѓанска асоција набљудувачи изјави: „Имер Селмани освои 15.2 насто, Мируше Хоџа, 3.4 насто, Нано Ружин, 3.9 насто; Ѓорѓе Иванов 34.8 насто; Љубе Бошковски 14.8 насто; Агрон Буџаку 7.9 насто; Љубомир Фрчкоски 20.1 насто од гласовите. Добиените податоци се со 95 проценти сигурност и во маргина на грешка не повеќе од три проценти“, соопшти Алексов.
Оптимистички прогнози за вториот круг
За вториот круг да го даде новиот шеф на државата, неопходна е излезност на гласачите од најмалку четириесет проценти. Претседателот на ДИК, Новаковски е отпимист дека ќе има доволен одзив и оти вториот круг ќе биде исто толку мирен, колку и првиот. Според атмосферата од првиот круг, не очекувам никакви проблеми во вториот, изјави Новаковски и додаде: „Сепак, да оставиме времето да покаже. Вториот круг секогаш носи ризици, но според гласањето од првиот круг, мислам дека инциденти нема да се случат“.
Партиските штабови оценија дека Макеонија го минала тестот на демократија, покажувајќи дека умее да гласа мирно и без инциденти. Забелешки има само ДПА. Според оваа партија, изборите биле коректни - но не и фер. Меѓународните набљудувачи, кои ги следеа претседателските и локални избори, попладне ќе ги соопштат првичните оценки за вчерашното гласање.