1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов води, Фрчкоски втор на претседателските избори

Агенции, Александар Чомовски, К.Д.23 март 2009

По првиот круг претседателски избори во Македонија во водство е Ѓорѓе Иванов од ВМРО-ДПМНЕ пред Љубомир Фрчкоски од СДСМ. Според оценките изборите минале мирно, со мали нерегуларности.

https://p.dw.com/p/HHNQ
Ѓорѓе Иванов и Љубомир ФрчкоскиФотографија: Petr Stojanovski

Според неофицијалнитe резултати од Државната изборна комисија објавени околу полноќ, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов е во голема предност пред Љубомир Фрчкоски од СДСМ и независниот кандидат Љубе Бошкоски. Ова се информации на ДИК, базирани на податоци од 921, од вкупно 2.976 избирачки места. Иванов има 60.244 гласови, Фрчкоски 31.130, Бошкоски 26.621. Четврти е Имер Селмани од Нова Демократија со 21.306 гласови, Агрон Буџаку од ДУИ има 10.860, Мируше Хоџа од ДПА 5.429 и Нано Ружин од ЛДП 4.623 гласови. Според партиски информации, Иванов освоил 106.000 гласови, а Фрчкоски, 64.000.

Одзивот на гласачите според досега обработените избирачки места е 53,9 отсто. Невладината организација МОСТ соопшти дека просечната излезност на престедателските избори ќе изнесува околу 63% на ниво на државата.

Mazedonien Wahlen 2009
Гласањето помина мирно, со мали нерегуларности.Фотографија: AP

Инаку од штабот на СДСМ велат дека бавно се одвива пребројувањето на гласовите. Според СДСМ нивните кандидати се најверојатни идни градоначалници на Струмица и Куманово, со голема извесност дека опозициската коалиција ќе победи во Велес и скопската општина Карпош. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје, Коце Трајановски води пред Тито Петковски од НСДП. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивните кандидати најверојатно ќе победат во Прилеп, Битола, Кочани, Виница и скопската општина Ѓорче Петров. Според извори на ДУИ партијата води во речиси сите средини каде што доминираат етничките албанци, освен во Тетово и во Гостивар.

Од централниот изборен штаб на СДСМ оценија дека изборите поминале мирно и без насилство, но со регистрирани нерегуларности. Оттаму соопштија дека забележале случаи на агитирање, притисоци од активисти на ВМРО-ДПМНЕ и снимање на гласачки ливчиња по мобилни телефони. ДУИ соопшти дека изборите минале во добра атмосфера. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека изборите биле фер и демократски. Инаку поради снежното невреме, денеска не беа отворени 134 гласачки места.