1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ме потресе смртта на Салопек?

Драгослав Дедовиќ/превод:БГ13 август 2015

По воениот слом на ИД, кој ќе уследи откако западните земји и арапскиот свет ќе ги увидат своите крупни грешки, ќе мора да им се суди и на убијците и на инспираторите, пишува Драгослав Дедовиќ

https://p.dw.com/p/1GEvm
Фотографија: Propagandavideo Islamischer Staat via AP

Смртта на еден човек ме потресе, над мерката за солидарност која ја имаме со секое човечко битие. Веројатно затоа што таа смрт е насилна.
Ме потресе и фактот дека се работи за егзекуција. Имено, на човекот му ја одсекоа главата. Секако, и тоа што сторителите се фанатици кои ја злоупотребуваат својата вера за да оправдаат најодвратни злосторства.
Тој човек во Египет заминал на печалба, и нема никаква вина, освен што во погрешно време се нашол на погрешно место. Човекот имал деца. И сопруга. И родители. Поживеа само 30 години.
Сето тоа се причини кои во мене предизвикаа длабоко вознемирување, измешано со гнасење.

Потоа навираат прашањата: Доколку е овој човек погубен не е ли загрозен секој кој ќе уплати ефтин одмор во некое место од Дубаи па сѐ до Маракеш? Не е ли подобро да се биде невработен на Балканот, отколку да се изложуваш на ризик во Либија- разјадена од банди вооружени фанатици, во Египет каде луѓето се присилени да бираат меѓу воена диктатура и средновековно сфаќање на Исламот? Во Ирак, кој по американската воена интервенција се распаѓа?
Знам некои луѓе кои заминаа во Авганистан за да заработат за леб. Не би сакал некој од моите познаници- возачи, логистичари, инженери- да биде присилен далеку од дома да клекне на колена и да ја чека острицата на џелатот.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Нели е тоа токму начинот на размислување кој сака да ни го наметне теророт?
Идеолошкото лудило на ткн. „Исламска држава“ станува нејзино пропагандно оружје. Како да се спротивставиме на стравот на мачнината која ја чувствува секој нормален човек кога ќе ги види сликите на погубување?
Секое погубување е бесмислено, во тоа сум длабоко уверен. Стрелање во Кина, „хумано“ убивање со инјекција во САД. Државите кои си земаат за право да бидат господари на животот и смртта во крајна инстанца, според мене, се организирани убијци.
Што пак да се каже за маскираните суштества кои како да излегле од хорор-стрип во реалноста на распадните држави за да убиваат недолжни луѓе, уживајќи во медиумската инсценација?
Дали тие заслужуваат процес?

Да, по воениот слом на „Исламската држава“, кој ќе уследи откако западните земји и арапскиот свет ќе ги увидат своите крупни грешки кои доведоа до создавање на антихумана парадржава, ќе мора да им се суди и на убијците и на нивните инспиратори.
Дотогаш ни останува само немоќно да го осудуваме атавистичкото дивеење на фанатиците. И да се потсетиме дека и на Балканот постои мала група која го одобрува тоа клерофашистичко дивеење, истакнувајќи црни знамиња.
Да не им дозволиме нам или на нашите деца да ни наметнат агенда во која верскиот фанатизам би се изедначил со било која вера. Бидејќи тоа едноставно не е исто.
„Овојпат умре некој блиску“, запиша Миодраг Павловиќ. Мир на твојата напатена душа, Томиславе.