1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молби до исламистите за милост кон киднапираниот Салопек

ЖА/афп/фена/хина 7 август 2015

Хрватската влада прави напори за помош на киднапираниот хрватски државјанин Томислав Салопек кому Исламска држава во Египет му се заканува со смрт, неговото семејство апелира до грабнувачите да го ослободат.

https://p.dw.com/p/1GBcs
Фотографија: Getty Images/AFP

Рокот поставен од Исламска држава до денеска попладне полека истекува. Во Каиро се наоѓа шефицата на хрватската дипломатија Весна Пусиќ заедно со сопругата на Салопек, Наташа. Од хрватското Министерство за надворешни работи велат дека ќе објават нови информации во случајот кога ќе биде можно. Таткото на Салопек, кого во Каиро го киднапираа екстремистите од групата исламска држава, Златко Салопек ги повика киднаперите да го ослободат неговиот син.

„Ги повикувам луѓето кој го држат мојот син да го вратат на семејството бидејќи неговиот мотив да замине во нивната земја беше само да заработи за лек за своите деца и ништо друго“, изјави Златко Салопек во разговор со новинарите на АФП.

Во видео, објавено во средата, човекот кој се претстави како Томислав Салопек, кој работи во Египет за француската Геолошко-истражувачка компанијан ЦГГ, прочита од хартија дека ќе биде егзекутиран во рок од 48 часа, доколку египетската Влада не ги ослободи муслиманките од затвор. Салопек не кажа кога почна одбројувањето.

Овој 31-годишен татко на две деца беше киднапиран на 22 јули од Синајскиот огранок на египетската подружница на ИД на пат со службен автомобил кон неговото работно место на подрачјето на Каиро. Неговиот автомобил го запрела вооружена група која го принудила возачот да го напушти возилото, а потоа го одвела Салопек на непознато место. Неговиот татко изјави дека побарал помош и од француските власти за неговиот син да биде ослободен со оглед на тоа дека работи за француска компанија.

Безбедносните аналитичари Игор Табак и Мате Лаушиќ во разговор за хрватската новинска агенција Хина денеска изразија песимизам за судбината на Салопек, со оглед на досегашниот расплет на заложничките кризи кои ги предизвикаа исламските џихадисти. Хрватска има многу малку простор за дипломатско-политички маневри, велат тие.

Ова е прва ваква закана на ИД од Египет, досегашните главно доаѓаа од Ирак и од Сирија, а воедно е и прво грабнување на хрватски граѓанин.

Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска денеска најостро го осуди киднапирањето на Салопек и порача-ваквите недела немаат никаква врска со толерантното учење на исламот.

Претседателот на на Мешихатот во Хрватска муфтијата Азиз ефенди Хасановиќ упати повик за помош за спасување на животот на невиниот Томислав Салопек до највлијателните државни и верски адреси во Египет.