Заев не дојде, првото рочиште за „Пуч“ одложено
5 август 2015За денеска во 10 часот беше закажано првото судско рочиште за случајот „Пуч“, на кое лидерот на СДСМ, требаше да се појави во судот како четвртообвинет за кривичното дело насилство кон високи државни функционери. Предметот и е доделен на судијката Љубинка Башевска, а застапници на обвинението се обвинителите Златко Биковски и Лиле Стефанова.
Адвокатот на Заев, Филип Медарски, рече дека Заев јавно кажал зошто нема да се појави на судењето, мислејќи на неговата изјава дека Заев нема да го почитува судот кој според него е под целосна контрола на власта.
Медарски побара судењето да се одложи за подолг рок, поради политичкиот договор од Пржино со кој беше договорено овој предмет да го суди специјален обвинител.
Судијката рече дека мора бранителот на Заев мора да има предвид дека во предметот има луѓе што се во притвор и дека треба да води сметка за нив.
„Ниту работам со политички договори, работам само според закон и имам двајца луѓе во притвор“, рече судијката Љубинка Башевска.
Сепак, со согласност на двајцата притворени и поради годишните одмори, судењето е одложено за еден месец, поточно за 7-ми септември.
До Основниот суд Скопје 1, пристигнало известување од судот во Струмица, дека Заев не се јавувал во судот и не ја почитувал мерката за претпазливост. Судијата којшто треба да одлучува за мерката за претпазливост на Заев сe уште е на годишен одмор, а судијката Башевска одлучи да му се испрати покана на Заев за следното судско рочиште со напомена.
Инаку Зоран Заев уште пред еден месец јавно соопшти дека не го признава македонското правосудство и дека нема да се појавува на судските рочишта ни во Струмица ни во Скопје.
„Нема да присуствувам на закажаните судски рочишта, нема да продолжам да ја почитувам определената мерка да се јавувам во судот секој понеделник во 9 часот, како и останатите мерки за обезбедување на мое присуство. По ваквото мое соопштение, судот е должен согласно со Законот за кривична постапка веднаш да изрече мерка притвор и да ме лиши од слобода. Лесно може да ме најдат. Јас сум или во просториите на СДСМ или во Кампот на слободата“, рече Заев.
Со оглед дека Кампот на слободата веќе не постои, единствената адреса од која Заев денес можеше да биде приведен - е седиштето на СДСМ. Но според очекувањата на неговиот адвокатски тим такво нешто не се случи и судското рочиште беше одложено.
Процесот се претвора во фарса
Дел од правните експерти веќе се изјаснија дека судскиот процес за случајот „Пуч“ се претвора во фарса, особено по потпишување на Договорот од 2 јуни, во кој една од клучните обврски е да се именува нов специјален обвинител кој треба да ја води истрагата за разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Тој треба да биде именуван најдоцна до 15 септември и затоа експертите сметаат дека е извесно и оти новозакажаното рочиште за „Пуч“ на 7 септември ќе биде неуспешно. Одбраната ќе инсистира да се изјасни Врховниот суд по нивната иницијатива за повреди во постапката со која беше склучена спогодба за признавање на вината на Ѕвонко Костовски, обвинет во „Пуч“. Се бара поништување на спогодбата, таа да не се користи како доказ, а осудениот Костовски да не биде повикуван како сведок.
Според правни експерти, законските повреди на кои реагира одбраната на Заев, а кои лесно поминаа низ филтерот на Кривичниот совет, кој даде зелено светло да почне судење за „Пуч“, може да бидат утврдени во истрагата што ќе ја спроведе идниот специјален обвинител.
„Тој воопшто не мора да се потпре на она што е веќе започнато или сработено во обвинителството во однос на прислушкувањето, ниту на веќе процесуираното.
Тој ќе почне од почеток. Судскиот процес за „Пуч“ не може да се врати назад, но може да се случи сегашните обвиненија во него да бидат целосно оспорени или релативизирани со наодите добиени со новата истрага што ќе ја спроведе специјалниот обвинител - резултати од вештачења, меѓународни експертизи и други дејства, со што недвосмислено може да се наложи и ревизија на тековниот судски процес“, велат правни експерти.
Од тие причини судбината на случајот „Пуч“ ја сметаат за целосно неизвесна.
Двајца во притвор
Со обвинителниот акт за „Пуч“ се опфатени пет лица. Првообвинет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство кон претставници од највисоки државни органи. Второобвинет е Ѓорѓи Лазаревски од УБК, за поттикнување неовластено прислушување, тонско снимање и помагање при делото шпионажа.
Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска, е обвинета за помагање при шпионажа. Петтообвинетиот, Бранко Палифоров, вработен во Општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело - насилство кон високите државни функционери.
Во меѓувреме, со одлука на Кривичниот совет, беше укинат притворот за Соња Верушевска и Бранко Палифров. Во притвор останаа само Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски.