1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Специјалниот обвинител нема да биде „под капата“на Зврлевски

Катерина Блажевска16 јули 2015

За да може да биде автономен, специјалниот обвинител треба да располага со свои кадровски, просторни и материјални ресурси, укажуваат правните експерти.

https://p.dw.com/p/1FzEj
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

„До 15 септември 2015 ќе има нов специјален јавен обвинител со целосна автономија да води истраги што се во врска и што произлегуваат од прислушувањето на комуникациите. Специјалниот јавен обвинител ќе биде назначен со договор на долупотпишаните страни“.

Оваа одредба, со која на 15 јули беше комплетирана точката 6 од Договорот од 2 јуни, правните експерти и политиколозите ја сметаат за една од најважните постигнати на лидерската средба. Со неа треба да се отвори независна истрага за сите кривични дела откриени со „бомбите“ и се‘ што е поврзано со следењето на комуникациите, вклучително и со актуелниот процес „Пуч“.

Решението произлегува од препораките во Ивештајот на експертскиот тим на ЕК предводен од Рајнхард Прибе, во кој се вели дека „истрагите за кривични дела откриени со прислушкувањето треба да бидат сериозно разгледани без двоумење и страв, на неселективен начин, при што приоритет треба да бидат оние со најсериозни злоупотреби“. Таа препорака досега беше игнорирана во македонскиот правосуден систем.

Во Обвинителството не коментираат што ќе значи воведувањето специјален обвинител, особено во однос на досегашната постапка за „Пуч“: дали таа ќе биде суспендирана и истрагата ќе почне од почеток или ќе биде посредно ревидирана? Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски нема одговор на ова прашање.

„Станува збор за политички договор. Јас како обвинител не знам што договориле партиите и затоа не можам да коментирам што ќе се случи. Ние работиме според законите“, изјави Зврлевски за Дојче веле.

Забелешките на Прибе

Според правни експерти, „Пуч“ не е во обвинителска, туку во судска постапка и невозможно е да се врати назад. Но, во Извештајот на Прибе, токму случајот на Звонко Костовски, осуден во „Пуч“ врз основа на спогодба за признавање на вината, се третира како „извор на загриженост“, што посредно сугерира преиспитување.

Der sozialdemokratische Oppositionsführer Zoran Zaev ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT
Зоран Заев пред Обвинителството (архивска снимка)-нејаснотии околу случајот „Пуч“Фотографија: DW/Katerina Blazevska

„За групата (експерти н.з.) е невозможно да знае до кој степен судијата спровел истрага во фактичката основа на спогодбата за признавање на вината, за да се увери дека спогодбата е соодветна и дека обвинетиот не добил, на пример, спогодба која вклучува блага пресуда како награда за учество во прикривање на вмешаноста на други. Бевме информирани дека не постои ниту видео или аудио снимка, ниту комплетен транскрипт од сослушувањето, што изгледа изненадувачки за таков важен случај од висок профил. Групата не знае какви докази слушнал судот за да го поткрепи спогодбеното признание за шпионажа, кога елементите на ова дело бараат делото да се доведе во врска со 'државна тајна' и да е 'добиено со цел дисеминирање на странска држава'. Се чини дека кога се користи спогодба за признавање на вината, таа е предмет на многу формален надзор на законитоста и праведноста и дека не постои никаков воспоставен тест во пракса за судски надзор за 'доволно докази за вина'. Понатаму не постои тест за 'разгледување на јавниот интерес' кој бара властите да продолжат со кривична истрага во насока на натамошни можни престапи и покрај спогодбата за признавање на вината“ се констатира во Извештајот.

Засега е нејасно што се‘ поврзано со следењето на комуникациите ќе се најде на масата на специјалниот обвинител, кому во прилог му оди и следнава препорака од Извештајот на Прибе: „Ефективната истрага може да побара одземање на датотеките и сите достапни архиви од УБК и телекомуникациските оператори и нивна споредба со издадените судски наредби. Онаму каде што е потребно, истражителите може да ја разгледаат можноста за меѓународна помош и експертиза, на пример, за поврат на избришаните датотеки“.

Ќе има ли ресурси?

За правните експерти во моментов е најважно да се расчистат прашања од материјален и законски аспект, од кои најмногу ќе се зависи автономијата на новиот специјален обвинител. За да се операционализира политичката одлука за специјален обвинител, прво ќе бидат неопходни законски измени во Законот за јавно обвинителство, вели д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел - Македонија.

„Важно е да се знае и дали специјалниот обвинител на располагање ќе има просторни, кадровски и материјални ресурси. Ако нема посебен тим, ако нема буџет, ако остане 'под капата' на државниот обвинител или ако биде ставен во ќоше и не може да мрдне чекајќи Ставрески да му одобри средства, тогаш нема да има никакви резултати“, потенцира Тасева.

Навестување дека специјалниот обвинител ќе дејствува автономно, засега даде само портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој во тв-настап изјави дека тој хиерархиски нема да потпаѓа под државниот обвинител. Засега се‘ уште не се спомнува конкретен кадровски предлог за оваа функција, кој треба да биде прифатлив за сите потписници на Договорот.

„Ова решение е предложено според моделот на хрватски УСКОК (Уред за сузбивање корупција и организиран криминал), кој ја почна истрагата за поранешниот премиер Иво Санадер, процес кој заврши со пресуда против него“, објаснуваат партиски извори. Тие потенцираат дека меѓународните претставници во преговарачкиот процес токму во ова решение го гледаат првиот исчекор кон стандардите за независно судство во Македонија и со исклучително внимание ќе го мониторираат неговото спроведување.