1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Загатки околу ракетната технологија на Северна Кореја

Роман Гончаренко
17 август 2017

Еден новинарски текст се погрижи за возбуда: дали Украина ѝ помогнала на Северна Кореја да развие нови ракети? Киев демантира. Но трагата на многу индиции води кон Москва.

https://p.dw.com/p/2iJAK
Ukraine Präsident Petro Poroshenko besucht PA Yuzhmash Luftfahrt-Unternehmen
Фотографија: picture alliance/dpa/epa/M. Markiv

Кога ќе го прашате Витали Сушчевски за обвинувањата против неговиот поранешен работодавач, тој веднаш ве прекинува. „Тоа е лага“, вели поранешниот раководител на производство на млазни мотори во фирмата Пивденмаш (поранешен Јужмаш) од украинскиот град Дњепар. „Њујорк тајмс“ во понеделникот објави извештај според кој наглиот напредок на Северна Кореја на планот на ракетната технологија може да има врска со Пивденмаш.

Пивденмаш е финансиски разнишан, па криминалците и некогашните работници би можеле да прокриумчарат во Северна Кореја стари советски ракетни мотори или нивни делови, пишува „Њујорк тајмс“. Весникот се повикува на студијата на експертот за ракети Михаел Елеман од Меѓународниот институт за стратешки студии ИИСС во Лондон, и на проценките на тајните служби на САД. Во текстот не се наведуваат никакви докази, туку само индиции.

Помогнат технолошки напредок

Елеман ги анализираше сликите на новите севернокорејски ракети од среден и долг дострел од типовите Хвасонг 12 и 14, кои би можеле да имаат потенцијал да достигнат до САД. Неговиот заклучок е дека толку брз технолошки развој во последните 2 години е можен само со испораки од странство, имено, од поранешниот Советски Сојуз. И германскиот стручњак за ракети Роберт Шмукер од Техничкиот универзитет во Минхен го дели истото мислење, иако избегнува кого било да обвини.

Моторот со една комора за согорување ги потсетува стручњаците на советскиот модел РД-250 кој, додуша, има 2 комори, а е произведен во 60-тите години од минатиот век во фирмата Енергомаш во близината на Москва.

Nordkorea Rackete
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Тешко е да се докаже дали РД-250 е произведен во Пивденмаш. Витали Сушчевски вели оти тие мотори се склопени во Русија, „во мали количества“. Елеман наведува дека тие се правени и во Украина. И во својата ИИСС-студија тој пишува оти мора и во Русија и во Украина да останале стотици, ако не и повеќе, такви ракети. И дека е можно на Пјонгјанг да му ги испорачала и Москва.

„Ние никогаш не сме произведувале такви мотори какви што се прикажани во Њујорк тајмс““, вели Сушчевски која во Пивдемаш работел речиси половина век. Пензионираниот инжeнер потврди дека по завршувањето на соработката со Москва, до која дошло поради анексијата на Крим, погоните останале „речиси мртви“. И официјален Киев и Пивденмаш го демантираат извештајот на „Њујорк тајмс“. Елеман претпоставува оти владата во Киев не знаела ништо за можното криумчарење.

Сенки на минатото

Тоа е првпат некогашен поизведувач на советски интерконтинентални ракети од типот СС-18 да е осомничен дека ги прекршил санкциите на ОН и на другите меѓународни договори. Пјонгјанг, меѓутоа, и порано покажувал интерес за украинската технологија: во 2012 година во Украина се осудени двајца Севернокорејци кои шпионирале во Пивденмаш.

Во 2002 година имаше новинарски извештаи според кои Украина сакала да му испорача на Ирак модерни радарски уреди. Киев тоа го демантираше, а во Ирак никогаш не се пронајдени радарски уреди. Но, има случаи на шверцување на оружје кои можат да се докажат. Така во 2005 година поранешниот државен обвинител во едно интервју призна оти една група Украинци и Руси во 2001 година илегално им продале на Кина и на Иран вкупно 18 крстосувачки ракети од типот АС-15.

Олег Уруски, поранешен директор на Украинската вселенска агенција, смета дека не е веројатно оти во овој случај се случило нешто слично. Според неговите зборови, државата има добро разработен контролен систем. Но, тој не ја исклучува можноста за криминални дејствија. „Злосторство е можно во секоја сфера.“

Nordkorea Kim Jong Un Freude über den erfolgreichen Raketenstart
Фотографија: Reuters/KCNA

Прст вперен кон Москва

Набљудувачите во Киев сметаат дека текстот во „Њујорк тајмс“ може да биде дел од целна руска кампања. Така, Центарот за армиски студии во една анализа од вторникот пишува дека американската публикација носи „знак на информациски напад врз Украина“. Цел е, меѓу останатото, Русија да го тргне вниманието од „сопствените испораки на ракетна технологија на Северна Кореја“ и да се дискредитира Украина, пред сѐ во очите на САД. „Русија има заедничка граница со Северна Кореја, па може да испорачува сѐ можно, вклучувајќи и комплетни млазни мотори“, вели заменик- директорот на Истражувачкиот центар Михаило Самус. Украина, за разлика од Русија, има логистички потешкотии.

Роберт Шмукер вели дека не се во прашање само мотори. „Што е со ракетите? Тука информациите сами по себе не помагаат многу, потребно е да се има производни погони, технички предуслови и, пред сѐ, добра проверка на квалитетот“, вели овој експерт. „Значи, од Украина би морале да стигнат многу повеќе работи отколку само неколку мотори.“