Северна Кореја не ги изработува ракетите сама
11 август 2017Тоа што се слуша од САД и од Северна Кореја звучи се’ поопасно: по заканите со „оган, бес и сила“ ако Пјонгјанг и помисли да го загрози островот Гуам во Маријанскиот Архипелаг, што му припаѓа на САД, следуваше одговор од Северна Кореја.
„Американскиот претседател „зборува вистински глупости“. И не само тоа: Северна Кореја веќе наредниот месец планира уште 4 „пробни“ лансирања на ракети кои можат да стигнат и до Гуам и тамошната американска воена база.
Познато е оти Северна Кореја цела четвртина од својот БДП го дава за војската. Еден милион и 150 илјади Севернокорејци се во униформа со оружје и за потреби на домашното население редовно се зборува за „непобедливост“ на тамошната Народна армија и нејзината врвна техничка опременост. Но со оглед на тоа дека за таа диктатура речиси сѐ е воена тајна, јавни податоци за ракетното вооружување практично - нема.
За тоа разговаравме со професорот од Техничкиот универзитет од Минхен, Роберт Шмукер, кој раководи со катедрата за вселенска техника. Тој особено се интересира и за темата „оружје со голем дострел во сиромашните земји“.
ДВ: Северна Кореја и САД се натпреваруваат со воени закани. Треба ли да бидеме загрижени?
Роберт Шмукер: Сето тоа е политички блеф. Ниту една земја не сака да започне војна. Тоа што се нарекува севернокорејска интерконтинентална ракета, Хвасонг 14, е истрелана двапати. Главно целосно вертикално. Се обидовме да ги реконструираме нејзините можности. Излезе дека таа при еден тон товар има дострел од можеби околу 5.200 километри. Не знаеме дали Северна Кореја има нуклеарно оружје и посебно не знаеме колку се тешки тие боеви глави. Но, ако Северна Кореја има такво оружје, тогаш сигурно не е лесно. Затоа поаѓам од тоа дека тие ракети можат да летаат на поголема далечина, но никако не би ги нарекол интерконтинентални.
Една друга работа е многу важна. Кога лансирате, морате и да погодите. Сѐ уште никогаш не лансирале ракета на голема одалеченост. Мораат да се изработат таблици за гаѓање. Тогаш може да се лансира и во далечина. Но, за таква таблица се потребни многу обиди. Мора точно да се измери секоја патека. Од сето тоа тогаш може да направи прирачник, како да се лансира и каде ќе отиде проектилот. Досега тоа воопшто го нема. Сѐ што видовме од Северна Кореја се убави демонстративни лансирања и тоа во 70 до 80 насто случаи со стари руски ракети. Тоа се Скад ракети, Нодонг и Точка ракети за кои знаеме дека доаѓаат од Русија.
Од каде го знаете тоа? Како тоа може да се утврди?
Ги гледаме сликите од воените паради. Гледаме слики од летањето. Треба само да се спореди. Убедливо мнозинство се стари руски ракети кои имаат одредено технолошко ниво. Новите ракети, кои се лансирани во последните 12, 14 месеци, се со целосно поинаква технологија и немаат никаква врска со поранешните. Но ги гледаме нивните ракетни мотори, тоа е јасно дека се руски мотори. Врската со Русија не постоеше само кај старите ракети, таа постои и денес, барем кога станува збор за ракетните мотори.
Северна Кореја во последните 14 месеци претстави 7 различни ракети. Како е тоа можно?
Трошоците и напорот да се создадат 7 различни ракети се всушност големи. За тоа се потребни 7 различни тима кои ќе го водат проектот, погони за производство на ракети со целосно поинаков калибар, различни суровини, различно гориво, материјали и големини. Потребен е бескрајно многу алат, машини и прописи за производство. Џиновска задача е сето тоа да се води во исто време и тогаш уште кај првото лансирање да се биде и успешен. Тоа сѐ уште никому не му успеало - освен ако ракетата не е дојдена некаде од надвор.
Од Русија?
Тоа не мора нужно да биде владата на Русија. Во секој случај доаѓа од Русија, односно од земјите од поранешен СССР. Таму има и криминални организации кои сакаат да заработат пари. Свесно велам: не владата. Велам дека тоа се институции, лица или групи. Дали се тоа и компании, тоа не знам. Но тоа се луѓе кои можат да набават, да отидат таму и да помогнат, исто така, и во управувањето, значи да се погрижат сѐ да функционира. Секако, тоа е технологија од 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Тоа јасно го гледам. На пример, кај ракетите Мусаудан или Хвасонг 10 сосема е јасно оти тоа е една поранешна ракета за подморница која е модифицирана.
Сигурен сум дека Северна Кореја има сосема малку такви ракети, ако воопшто ги има. Не сум сигурен ниту, и покрај сѐ, дека всушност имаат некои други. Значи, ќе се случи Ким да се однесува како да се негови, ќе ги лансира некој друг, а Ким е само маска за тие експерименти.
Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун му се закани на Вашингтон оти со ракети ќе ја нападне американската база на Гуам. Треба ли тоа да се сфати сериозно?
Не сум сигурен, дури и да се обиде да го нападне Гуам, дали воопшто ќе го погоди. Гуам е во релативно краток дострел, САД е многу подалеку. Но сето тоа е неважно. Сето ова е само да се каже нешто.