1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заборавените бегалци од Балканот

Ралф Борхард / ЕМФ23 декември 2015

Големиот број воени бегалци во Германија, пред сѐ од Сирија, ставија во сенка една друга група бегалци - балканските. Тие доаѓаат поради сиромаштија. Меѓу нив се и оние од Македонија.

https://p.dw.com/p/1HS4G
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovskia

Во Тенеќе Маало во Скопје за Германија се зборува наголемо. Повеќето овде се Роми, имаат пријатели и роднини кои живеат во Германија или самите биле со месеци во земјата. Некои од нив имаат намера повторно да тргнат во насока на Германија:

„Имам брат во Германија, сестра, чичко и тетка“, вели жител на Тенеќе Маало, а друг тврди: „Германија е мој живот, мое сѐ. Германија е подобра.“

Сиромаштијата е насекаде присутна во овој кварт во македонскиот главен град. Пред куќите се натрупани стари работи. Собирањето и продажбата на старо железо, електроапарати и користени работи од секаков вид за многумина се единствениот извор на приходи. Работата овде-онде и одвреме-навреме најчесто носи заработувачка од три-четири евра дневно. Социјалната помош, зависно од бројот на децата, изнесува 20,30 или 40 евра месечно.

Ирфан Мехмет има 54 години, син му со жената и седумте деца успеал да стигне во Германија. Сега чекаат на одлука по барањето за азил, вели тој. Барањето најверојатно ќе биде одбиено. И Ирфан Мехмет пред многу години живеел во Германија и радо би сакал да замине повторно, но знае дека Ромите сега често се симнуваат од автобуси уште на македонската граница и се враќаат назад.

Бројот на бегалци поради сиромаштија чија крајна цел е Германија е намален во текот на изминатите месеци. Властите велат дека се преземени низа мерки за спречување на шверц на луѓе и иницијативи за подобрување на условите за живот на Ромите.

Стану Блажевска во Тенеќе Маало раководи со центар за помош на деца Роми, кој е финансиран од УНИЦЕФ и македонската влада. Децата, пред сѐ оние на претшколска возраст, тука се згрижуваат и учат.

„Да, веќе неколку години за Ромите се прави повеќе“, вели таа. „Има образовни програми, стипендии. Образованието е единствена надеж. Но, во Македонија на крајот едноставно нема доволно работа.“

Состојбата е слична и во Албанија, Србија, Косово. Германската влада изврши притисок врз владите во тие земји за да се намали бројот на оние кои бегаат во насока на Германија. Атмсоферата меѓу населението останува лоша. „Само ако имаш врски со некоја од владејачките партии имаш воопшто шанса за работа“, вели на пример готвачот Фатон Љатифи, кој седи во едно кафуле во Приштина.

„Ако си обичен човек, како мене - нема работа, нема ништо. Воопшто нема шанса да најдеш работа.“

Фатон Љатифи, како и илјадници други, се обидел да стигне до Германија со семејството, но го вратиле назад.

Deutschland Asylbewerber aus dem Kosovo in Sigmaringen
Барател на азил од Косово во Зигмаринген, ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/F. Kästle

На Косово е раширено мислењето дека на власт се постојано исти корумпирани политичари, поддржани од ЕУ, вели политикологот Љулзим Пеци: „Меѓународната заедница ѝ дава поддршка на елитата на Косово, затоа што таа наводно гарантира безбедност“, вели Пеци. „Затоа повеќето од луѓето загубија надеж дека овде нешто ќе се промени. На оние на власт се гледа како на недоприливи, затоа што тие постојано се извлекуваат неказнето.“

Телевизиските слики од протерувањата од Гереанија имаат ефект кај многумина, но причините за иселување - сиромаштијата и бесперспективноста, остануваат речиси непроменети. И, во никој случај не се само Ромите, најсиромашните меѓу сиромашните, оние кои сакаат да избегаат од Косово, туку се тоа и добро образование луѓе, кои перспектива гледаат само во западноевропските земји, нагласува Пеци. Неговиот заклучок важи за сите балкански земји: Германија мора да направи повеќе за зајакнување на економскиот развој на лице место и да направи поголем притисок врз владите за спроведување реформи. Само така луѓето ќе имаат надеж дека нешто ќе се смени, вели Пеци.