Германија почнува со протерување на балканските бегалци
24 ноември 2015Во текот на оваа недела треба да тргнат првите авиони кои на Балканот ќе ги враќаат бегалците кои се наоѓаат во Германија, дознава агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извори во германската влада. Бегалците ќе добијат т.н. „лесе пасе“ документи (стандардни документи за патување издадени од ЕУ за враќање во татковината на странци кои немаат документи за патување, н.з.). Германските министри за внатрешни и за надворешни работи, Томас де Мезие и Франк-Валтер Штајнмајер, на крајот на октомври со државите од Западен Балкан се договорија ова да биде начинот на којшто мигрантите без валидни документи би можеле да се вратат назад, во татковината.
ЕУ постигна договор за „лесе пасе“ документи уште во 1994 година, со цел да го олесни враќањето назад во случаи кога мигрантите ги уништиле своите пасоши. Досега тој процес траеше долго, затоа што земјата на потекло мораше да го провери идентитетот и да издаде „лесе пасе“ документ, односно резервен пасош. Сега погодените балкански држави прифаќаат германските власти да го проверат идентитетот на лицето и да издадат резервни документи.
Балканските шефови на дипломатии во Берлин
На покана на шефот на германската дипломатија Штајнмајер и неговиот италијански колега Паоло Џентилони денеска во Берлин се собираат министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и ЕУ. На конференцијата во италијанската амбасада во Берлин учествуваат шефовите на дипломатии на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Хрватска. Една од централните теми во политичката дискусија ќе биде бегалската криза, но се очекува да се отворат и економски прашања, како инвестирање во Југоисточна Европа. Конференцијата по седми пат ја организира институтот Аспен во Германија.