Ердоган ги повика муслиманите да го заштитат Ерусалим
25 јули 2017Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска од Анкара ги повика муслиманите од целиот свет да го посетат и да го заштитат Ерусалим, бидејќи Израел по смртоносното насилство во петокот воведе мерки на безбедност на пристапите кон Ридот на храмовите, каде што меѓу другото се наоѓа и џамијата Ал-Акса.
„Сакам да апелирам до моите граѓани и муслиманите ширум светот - сите оние кои се во можност да го посетат Ерусалим и џамијата Ал-Акса. Дојдете и сите заедно заштитете го Ерусалим“, рече Ердоган.
Тој во понеделникот оцени дека Израел со безбедносните мерки на светото место во Ерусалим не си нанесува штета само себеси, туку и на целиот регион, додавајќи оти Турција нема да дозволи да се газат светите вредности.
„Со изговор дека тоа е борба против тероризмот, станува збор за обид на муслиманите да им се одземе џамијата Ал-Акса“, им рече турскиот претседател на пратениците од неговата владејачка исламска партија АКП на состанок во турскиот парламент.
Ердоган ја поздрави одлуката на Израел да ги отстрани детекторите за метал од местото кое е подеднакво свето и за Евреите и за муслиманите, познато меѓу Евреите како Рид на храмовите, а меѓу муслиманите како Харам ал-Шариф.
По враќањето од посетата на земјите од Персискиот залив, Ердоган во изјава за новинарите го обвини Израел дека погрешно просудил бидејќи ги изедначил муслиманите со терористи. „Го повикуваме Израел да делува во согласност со законите и човечките вредности. Чекорите кои ги презема Израел се погрешни и водат кон изолација“, предупреди турскиот претседател.
Тој и порано ги критикуваше мерките кои ги презеде Израел во светилиштето, откако на 14 јули тројца Арапи убија двајца израелски полицајци.
Израелската полиција денеска врз основа на одлуката на владата ги отстрани детекторите за метал, но муслиманските лидери апелираа до верниците и натаму да не влегуваат во џамијата додека не се разгледаат новите мерки за безбедност кои Израел ги најави.