1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ерусалим: ескалација во најава

СН/ агенции
24 јули 2017

И натаму се компликува ситуацијата околу Ридот на храмовите во Ерусалим. Се стравува од ескалација, која би го довела во прашање мирот во регионот.

https://p.dw.com/p/2h3tl
Israel verschärfte Sicherheitsvorkehrungen am Tempelberg in Jerusalem
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Illean

Верските и граѓанските лидери на Палестинците повторно по денешниот состанок во Ерусалим ги отфрлија мерките кои Израел ги презеде во врска со функционирањето на џамијата Ал-Акса. Тие порачуваат дека нема да биде прифатен ниту еден акт кој ги загрозува слободата на верата и муслиманската управа над џамијата.

Тие се побунија против новите камери кои израелската полиција ги постави како замена на неодамна поставените детектори за метал и не сакаа да влегуваат во џамијата на тој начин.

„Под притисок на окупаторските власти и нивното инсистирање на ескалација на ситуацијата, со намера да се продолжи со наметнатите мерки против џамијата Ал-Акса и граѓаните на Ерусалим, локалните лидери остануваат непоколебливи во спротивставувањето на воведените мерки и отфрлаат секаков обид окупаторските власти да наметнат своја власт над џамијата“, се вели во соопштението од средбата.

Israel verschärfte Sicherheitsvorkehrungen am Tempelberg in Jerusalem
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Illean

Израелските власти денес инсталираа паметни камери и рентгенски скенер пред Баб ал-Асбат кај влезот на џамијата Ал-Акса на Ридот на хранмовите во Ерусалим. Израелската полиција, заедно со работниците во градските служби, работеше по полноќ на инсталирање на надзорни камери, инфрацрвени детектори за метал и безбедносни скенери, откако е воспоставен воен кордон околу областа.

Израелската полиција во минатиот петок ја затвори џамијата за вршење на петочната молитва по вооружениот напад пред нејзиниот влез во кој загинаа тројца наводни напаѓачи и двајца полицајци.

Џамијата е повторно отворена во неделата по инсталирањето на детектори за метал, во потег за кој Палестинците тврдат дека нема да го прифатат бидејќи го менува статус квото во џамијата.

Оттогаш палестинските муслимани ги вршеа своите дневни молитви пред влезот во џамијата, инсистирајќи дека нема да влезат во верскиот објект додека не се отстранат детекторите за метал.

Во екот на овие тензии меѓу Израел и муслиманскиот свет, израелската полиција соопшти дека палестински напаѓач со нож избодел во врат арапски државјанин на Израел, очигледно мислејќи дека станува збор за Евреин. Полициската гласноговорничка Луба Самири изјави дека денешниот напад е од националистичка природа. Таа рече оти 21-годишниот напаѓач е Палестинец кој илегално работи во Израел. Тој со нож ја избоде 32-годишната жртва на киоск за брза храна во израелскиот град Петах Тиква, очигледно мислејќи дека жртвата е Евреин. Напаѓачот потоа се обидел да побегне, но еден човек кој случајно бил таму удрил со своето возило во него и го предал на полицијата.

Israel - Palästina - Konflikt - Unruhen
Фотографија: Reuters/K. Abdullah

Во изминатите две години Палестинци убија 45 Израелци, двајца Американци и еден британски турист, главно во напади со нож. За време на истиот период израелските сили убија над 255 Палестинци, главно напаѓачи.

За дополнително зголемување на тензиите придонесува и инцидентот во Јордан, каде што чувар на израелската амбасада во јорданскиот главен град Аман смртно застрелал двајца Јорданци откако еден од нив го нападнал со ладно оружје. Средба во Турција која ќе се однесува на ситуацијата околу Ридот на храмовите за утре закажа и Организацијата на исламска соработка а вечерва на таа тема ќе заседава и Советот за безбедност на ОН.