1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Азиски услови“ во бугарската текстилна индустрија

Јулија Хајнрихман
29 септември 2018

Бугарија е земја со мали плати. Светски модни фирми таму ги шијат своите колекции. Работничките имаат ниски приходи, а условите се лоши. Тоа значи и дека многу луѓе ни одблизу не би можеле да живеат од својата работа.

https://p.dw.com/p/35dlN
Bulgarien Textil Näherin
Фотографија: DW/J. Henrichmann

Гоце Делчев е градче во Бугарија на границата со Грција. Со малку млади луѓе. Тие во потрага за подобар живот одат во Софија или во Германија и во Англија. Стапката на невработеност е висока.

Текстилната фабрика Пиринтекс е голем работодавач. Во 6 часот наутро на прериферијата на градот низ капијата на фирмата се слева маса од над 1000 вработени. Во две смени произведуваат машка и женска облека. Германскиот претприемач Бертрам Ролман  во почетокот на 90-тите години барал ново место за своите погони. Пред тоа водел фабрика за текстил во Грција. Романија и Бугарија тогаш нудеа добри услови за претприемачите- ниски плати и брз сообраќаен приклучок за западот на Европа.

Денес во просек платата за 3.000 работници во неговата бугарска фирма е по 350 евра нето, што во Бугарија важи за примерна. „Плаќаме над просекот, затоа што натпросечно многу бараме од соработниците“, вели Ролман. Со тоа тој пред се' мисли на големата флексибилност која се бара од работниците.

Слични прилози:

-Голготата на српските текстилни работници

-Текстилната индустрија во грч

-Кој уште сака грчки гаќи?

Експлоатација зад шивачката машина

Токму таа флексибилност оди предалеку, смета работничката Марија Ванатова со која се сретнавме надвор од кругот на фабриката. Таа во Пиринтекс работи веќе 10 години. Пречесто мора да се работи и во саботите, некои од работниците не можат да одат на одмор со семејствата бидејќи има премногу работа. Освен тоа, условите за работа се тешки.

Bulgarien Firma Pirintex Ausbildungszentrum
Фотографија: DW/J. Henrichmann

„Шефовите ни го мерат времето на штоперица, не можеме да ја исполниме нормата.“ Ако во одредено врме не се произведат одреден број парчиња облека, нема додаток туку само ниска основна плата.

Полошо отколку во Камбоџа

Тоа не е одделен случај, вели Бетина Мусиолек која работи за невладината организација „Кампања за чиста облека“. Оваа организација ги следи условите за работа ширум светот. Едно нивно истражување кое е објавено на 25 септември, ги споредува условите за работа во текстилните индустирии во Индија, Камбоџа, Турција и во Бугарија.

„Ме шокираше тоа дека условите во Бугарија се најлоши. Во некои фабрики луѓето мораат да работат 7 дена во неделата по 12 часа“, вели Мусиолек. Таа додава оти ситуацијата е подраматична отколку во Азија. Освен тоа, платите се мали. Во бугарските погони на шведскиот гигатн H&M платата изнесува само 10 отсто од сумата која синдикатот ја означува како „приход кој обезбедува егзистенција“. Тоа значи дека многу луѓе ни одблизу не можат да живеат од својата работа.

Можеби платите можат да бидат поголеми?

Тоа го потврдува и работничката на Пиринтекс Марија Ванатова. Нејзините пријатели секојдневно одат во Грција да работат или заминале на Кипар. Таа во Бугарија останала само поради семејството. Работата пак, најмногу поради колегите, и' претставува задоволство. Сепак, на своите деца им советува да ја напуштат Бугарија.

И претприемачот Бертрам Ролман има проблеми. Загубил стотици работници во последните неколку години, а замена нема. Во неговиот центар за обука зад бројните машини нема никого. Само 7 учесници. А место има за 30. И покрај тоа не сака да ја зголеми платата. Го одбива приговорот дека браншата мора да плати повеќе ако сака да ги задржи луѓето.

Bulgarien Textil Produktion von Pirintex
Фотографија: DW/J. Henrichmann

Чекајки позитивен сигнал

Концернот H&M уште во 2013 година соопшти оти сака да изврши притисок на снабдувачките партнери во Бугарија да платат барем минимална плата од која може да се живее. Но Бетина Мусиолек и нејзината невладина организација утврдија дека од тогаш малку работи се променети. Имено, еден моден концерн како овој од Шведска навистина би можел да инсистира кај партнерските фирми на повисоки плати за работниците, но и да ја прифати повисоката цена на производите. Кога тоа би се случило, тоа би бил сигнал за целата бранша.